Македонските очекувања за скорешно интегрирање во ЕУ и НАТО беа главни теми на денешниот состанок на премиерот Владо Бучковски, вицеремиерката Радмила Шеќеринска и министерката за надворешни работи Илинка Митрева со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и на САД во Македонија. Статусот кандидат за членство во ЕУ што Македонија очекува да го добие во ноември ќе значи и поттик за регионот, вели министерката Митрева.
„Го изразивме очекувањето дека на 9-ти ноември Македонија ќе биде позитивно вреднувана и дека декемврискиот самит на Македонија ќе и́ донесе статус на кандидат. Рековме дека сме убедени оти она што Македонија го направи во партнерството со ЕУ во изминатите 10 години, не прескокнувајќи ниту една институционална фаза на патот кон ЕУ и како единствена земја од регионот на Западен Балкан, сите тие активности не водат кон заклучокот дека европската перспектива на Македонија треба да се претвори во европска реалност“, рече Митрева.
Македонија може да очкува да се најде на листата на земјите кои би биле кандидати за членство на самитот за проширување на НАТО, изјави по средбата британскиот амбасадор Роберт Чатертон Диксон, чија земја е актуелен претседавач со Унијата. Но затоа според него, се уште е рано да се прогнозира одговорот од ЕК. Следуваат реформи, а потоа афирмирање на направеното, вели тој.
„Ние од наша страна рековме дека клучната работа е имплементација на реформите од страна на Владата во следните неколку месеци, за да може ЕК да го подготви својот одговор. Се́ уште е рано да се каже што ќе реши ЕК на апликацијата за членство, но се надеваме дека работите ќе се движат во позитивна насока, во однос на интеграцијата во Унијата. Со владините претставници разговаравме за начините за обезбедување најдобар напредок во следните фази и она што е досега направено, да биде сфатено на најдобар можен начин во главните европски градови“, изјави Диксон.
Министерката Митрева добила уверување од американскиот амбасадор Џилиен Миловановиќ дека САД остануваат исклучително заинтересирани Македонија како стратешки партнер да ја продолжи трансформацијата до полноправно членство во НАТО.