Линкови за пристапност

Стравување од можноста Европа да ги затвори границите за странци


Поради исламски тероризам, нападите во Лондон на 7-ми и 21-ви јули, се обновуваат европските дебати околу имиграцијата, законите за азил и тоа како да се третираат околу 40-те милиони странци кои живеат во регионот. Некои активисти за заштита на човековите права стравуваат дека ова може да ја натера Европа да ги затвори своите граници за странците.

Нападите во Лондон го актуелизираа прашањето за тоа каков треба да биде третманот спрема втората генерација имигранти во Европа, со оглед на фактот што сите осомничени за нападите од 7-ми јули, беа британски државјани. Најновите настани придонесоа и за обновување на долгогодишната дебата за начинот на лоцирање и справување и со првата генерација имигранти. Европа долго време има спротивставени чувства спрема имиграцијата. Некои Европејци веруваат дека на регионот му се потребни повеќе странски работници, додека националистичките групи тврдат дека странците ги земаат работните места што може да ги има локалното население. Сега кон прашањето се додава и нов фактор – страв од странски терористи.

Патрик Деловин од Амнести Интернешнал во Франција, е експерт за имиграција. Тој вели дека токму овие стравувања помогнале да се воведат поостри имиграциони и мерки за азил во Европа:

„Дефинитивно, по нападите во САД во 2001, Европејците помислија на ограничување на имиграцијата и азилот. Организираа и многу средби за да дискутираат по прашањето и започнаа да преземаат мерки за ограничување на имиграцијата на европските територии. На почетокот за 15 земји, но сега за 25 земји членки на ЕУ.“

Г-динот Деловин вели дека француската влада ги заострува пограничните контроли за пронаоѓање на илегалните имигранти и сомнителните баратели на азил. Владата има и тесна соработка со странските влади и авио-компании за да ги зајакне овие контроли. На аеродромот Шарл де Гол во близина на Париз на пример, бројот на лицата на кои им било дозволено аплицирање за азил во Франција, се намалил од 10.000 во 2001 на само 2.500 минатата година. Пред пет години, вели г-динот Делувин, во ЕУ пристигнаа 700.000 баратели на азил. Минатата година азил добија помалку од половина од оваа бројка. Сепак последната генерација терористи вклучува многумина Европејци. Ова е Рајнер Мунз, демограф на Институтот за меѓународна економија во Хамбург.

„Само помислете на Мухамед Ата. Некој кој студирал на технолошки универзитет, доаѓа од средната класа и од арапска земја. Доколку за него зборувавме пред пет години, ќе се согласевме со многумина дека Ата е вид на мигрант кој би ни бил потребен во иднина.“

Г-динот Мунз вели дека прерано да се каже дали нападите во Лондон ќе придонесат за воведување на поостри имиграциони мерки во Европа. Во случајот со Шпанија, се постигна спротивен ефект. Една година по бомбашките напади во Мадрид, левичарската влада на премиерот Хозе Луис Родригез Запатеро им дозволи на стотици илјади илегални имигранти да аплицираат за легален статус.

„Во случајот со Шпанија, ефектот не беше во насока која би ја очекувале, базирано на конвенционалната слобода - дека земјата би била посериозна во справувањето со имигрантите. Беше спроведена најголемата регулативна кампања во шпанската историја. Би рекле дека ова би помогнало да се издвојат овие луѓе и да бидат повидливи. Се работи за мека стратегија.“

XS
SM
MD
LG