Линкови за пристапност

Амнести интернешенал:  Човековите права по надолна линија, американската политика има голем удел во таквиот тренд


Минатата година не беше добра година за човековите права. Ова е заклучокот на Амнести интернешенал, базиран врз детален извештај на 308 страници од 145 држави. Организацијата вели дека владите го изигруваат ветувањето за свет во кој ќе се почитуваат човековите права.

„Во 2004-та, надвор од сите обележја на принципиелно лидерство, воочивме создавање на нова и опасна агенда - слободно толкување на правилата за човековите права, дискретирирање на институциите за меѓународна соработка и узурпирање на јазикот на правдата и слободата, со цел да се промовира политика која создава страв и несигурност“, истакна генералниот секретар на Амнести интернешенал Ајрин Кан.

Кан ги издвои Судан, Зимбабве, Конго, Непал, Узбекистан и Хаити како најтешки прекршувачи на човековите права.

Амнести интернешенал вели дека САД со своите акции, испраќаат попустлив сигнал до насилните влади, што води до поголема тортура ширум светот.

Првиот човек на Амнести изјави дека САД мора да престанат со, како што рече, праксата на неограничен притвор, што според неа е кршење на меѓународното право:

„Амнести интернешенал ја повикува американската администрација да го затвори кампот Гвантанамо и да објави каде се наоѓаат другите притвори - или да ги ослободи притворените, или да ги гони преку судски процес. Со политиката на страв и поделба, оваа нова агенда исто така ја охрабрува нетолерантноста, расизмот и ксенофобијата“.

Во Вашингтон, портпаролот на Белата куќа Скот мек Лилан реагираше на тврдењата на Амнести велејќи дека се „смешни и неподдржани со факти“.

„САД предводат во заштитата на човековите права и промоцијата на човековото достоинство. Ослободивме 50 милиони луѓе во Ирак и Авганистан. Работиме на ширење на слободата и демократијата во светот така што луѓето ќе се владеат според законите и ќе постои заштита на малцинските права“, рече Мек Лилан.

Амнести исто така ги критикуваше и Обединетите нации, тврдејќи дека не успеале да ги земат на одговорност земјите-членки за кршење на човековите права.

XS
SM
MD
LG