Зголемена излезност – тоа е трендот во досегашниот тек од денешниот прв круг избори за претседател на земјата. Во првите шест часа од гласањето одзивот, според Државната изборна комисија, изнесува 26,35 отсто или околу 230 000 избирачи и тоа од обработени половина избирачки места.
„Според обработените податоци на ДИК за одзивот на гласање, најголема излезеност има во општина Новаци – 42,87 проценти , а најмала излезеност е забележана во Врапчиште – 10,11%“, рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Одзивот е значително поголем ако се спореди со претседателските избори од пред пет години.
„Споредбата со 2019, е точно за шест отсто поголема сега од 2019 година“, додава Даштевски.
Гласањето, според ДИК, се одвива мирно на сите гласачки места. Добиле 140 приговори за заштита на избирачко право, а од нив усвоени се 16 и на избирачите им е овозможено да оставарат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 се одбиени. Останатите приговори се уште се во обработка.
И, Јавното обвинителство смета дека изборниот ден поминува без поголеми нарушувања.
„ Денеска во Основното јавно обвинителство во радовиш пријавен е наста што се случил во селото Бучим дека гласач пред да го пушти гласачкото ливче во кутијата го покажал на набљудувач од политичка партија. Дадени се насоки за проверување дали постојат елементи на кривично дело од член 160 од Кривичниот законик – повреда на слободата на определување на избирачите. 3.14 Ние ќе ги следиме активностите и во текот на денот се до завршување на изборниот процес“, рече Џељал Бајрами од привремената комисија на ЈО за следење изборни нерегуларности.
Гласањето во овој прв круг претседателски избори во кои се натпреваруваат дури 7 кандидати ќе трае до 19 часот.