Линкови за пристапност

САД го ставија на црна листа Кочо Анѓушев поради вмешаност во корупција


Соединетите Држави го означија поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев за неподен за влез во САД поради неговата вмешаност во значителна корупција, соопшти портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Во изјавата се вели дека „Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери. Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“.

Покрај Анѓушев, Стејт департментот за неподобни за влез во САД ги означи и сопругата на Анѓушев, Елизабета, и децата, Ангел и Огнен.

Претходно во ноември, Стејт департментот воведе санкции за Сергеј Самсоненко, Ирина Самсоненко, Ратка Камчева, како и „Бет Сити Интернешнл“, „Камчев Консалтинг Скопје ДООЕЛ“, „Орка Фајненс Скопје ДООЕЛ“, „Орка Холдинг АД“ и „Систина Лајф Кеар Сентар“.

Сергеј Самсоненко, Ирина Самсоненко и Ратка Камчева беа санкционирани за материјално помагање, спонзорирање или обезбедување финансиска, материјална или технолошка поддршка или стоки или услуги, или за поддршка на Јордан Камчев, лице, чиј имот и интереси во имот се блокирани согласно Е.О. 14033.

XS
SM
MD
LG