Американските законодавци ги отфрлија предупредувањата од Кинеската амбасада дека не требало да се сретнат со претседателката на Тајван Цаи Инг-вен, велејќи дека Кинеската комунистичка партија нема право на вето на состаноците на Конгресот.
„Со средбата со претседателот Цаи, нашата двопартиска делегација предводена од спикерот Мекарти, им се спротивставува на насилниците во ККП“, изјави за Гласот на Америка законодавецот Мајк Галагер, претседател на Избраниот комитет на Претставничкиот дом за стратешка конкуренција со Кина.
„Нема да бидеме исплашени. Ги поддржуваме нашите пријатели во слободниот и демократски Тајван“, рече Галагер.
Двопартиска група од 17 законодавци го придружуваше спикерот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти на приватен состанок со Цаи во претседателската библиотека Роналд Реган во долината Сими, Калифорнија.
Неколку часа претходно, американскиот медиум „Панчбоул Њуз“ објави дека некои од законодавците на состанокот со Цаи добиле имејл во кој била изразена „длабока загриженост на Кина и цврсто противење на овој можен потег“.
„Кинеската страна силно се спротивставува на каква било форма на официјална интеракција меѓу САД и Тајван, силно се спротивставува на каква било посета на САД од страна на лидерот на тајванските власти без оглед на образложението или изговорот, и силно се спротивставува на сите форми на контакт на американските официјални лица со тајванските власти“, напиша Ли Шјијанг, идентификуван како советник во амбасадата, во имејл до Гласот на Америка.
Законодавците рекоа дека нема да има промена во нивните планови.
„Кина не може да диктира со кого членовите на Конгресот ќе се сретнат на територијата на САД. Конгресменот со нетрпение очекува да се сретне со претседателката Цаи и со спикерот Мекарти денес“, изјави за Гласот на Америка портпаролот на канцеларијата на Адам Кертис.
„Кина нема простор за компромис по ова прашање. Ја повикуваме американската страна да се воздржи од олеснување на состанокот меѓу американските законодавци и Цаи Инг-вен и да ги прекине сите форми на официјална интеракција со Тајван“, се вели во имјелот што го добиле законодавците, предупредувајќи дека Кина „најверојатно ќе преземе неопходни и решителни активности како одговор на несаканата ситуација“.
Стејт департментот на САД тврди дека поминувањата на тајванските власти на високо ниво не се посети и се приватни и неофицијални. Секој претседател на Тајван транзитирал низ САД и ова е седма посета на Цаи откако ја презеде функцијата во 2016 година.