Линкови за пристапност

Шпанија бара од САД да го исчисти местото на нуклеарната несреќа од Студената војна


Речиси 60 години по една од најтешките нуклеарни несреќи во светот, Шпанија побара од САД да ги исчистат десетиците илјади кубни метри радиоактивна почва и да стави крај на контроверзното поглавје од Студената војна.

Мадрид се надева дека подобрените односи со Вашингтон може да ги натера САД да го испочитуваат ветувањето дадено во 2015 година дека ќе ја отстранат контаминираната почва.

Во 1966 година, бомбардер Б-52 изгубил четири водородни бомби откако се судрил со авион за полнење гориво над селото Паломарес во јужна Шпанија.

Иако хидрогенските бомби не експлодирале, две од нив испуштиле плутониум, загадувајќи површина од два квадратни километри.

Околу 1.600 персонал на американските воздухопловни сили беа испратени од блиската база да ја исчистат областа, но им беше дадена мала заштитна опрема. Некои од нив подоцна починале.

Околу 1.400 тони загадена почва била испратена до објект во американската сојузна држава Јужна Каролина.

Тоа беше врвот на Студената војна и предметот се сметаше за многу чувствителен, па приоритет на Вашингтон беше брзо да ги елиминира сите докази за една од најголемите нуклеарни несреќи во историјата.

Години подоцна, загриженоста за долготрајното влијание на судирот почна да се појавува откако студијата спроведена во 2007 година од страна на шпанскиот совет за нуклеарна безбедност сугерираше дека до 50.000 квадратни метри земјиште останало загадено. Областа беше оградена и забранета за употреба за развој или земјоделство.

Во 2015 година, по децениски притисок од Мадрид, Шпанија и Соединетите држави потпишаа изјава за намера да ископаат парче загадена почва во близина на Паломарес и да ја закопаат во безбедна област во пустината во близина на Лас Вегас во американската сојузна држава Невада.

Но, не беше постигнат конечен договор.

Дипломатските односи меѓу Вашингтон и Мадрид се влошија за време на претседателствувањето на Доналд Трамп, особено откако левичарската влада ја презеде власта во Шпанија во 2018 година.

Шпанија сега се надева дека подобрените односи меѓу администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и шпанската влада предводена од социјалистичкиот премиер Педро Санчез може да го решат проблемот.



Некои информации за овој извештај се обезбедени од Асошиејтед прес

XS
SM
MD
LG