Се укинува и субвенционираната струја по цена од 80 евра за мегават час за пехранбената индустрија. Мерките не дадоа резултати, дел од комапниите не ги намалија цените образложуваат од Владата
СКОПЈЕ –Цената на векна бел или полубел леб се замрзнува на 33 денари и се укинува субвенционираната струја за прехранбената индустрија, одлучи Владата на седницата која се одржа попладнево. Одлуката за замрзнување на цената на лебот ќе биде објавена во „Службен весник“ најдоцна утре додека за субвенционираната струја процедурата е подолга поради договорите кои компаниите ги потпишаа со ЕСМ продажба и правните обврски па затоа струја по цена од 80 евра за мегават час за компаниите од прехранбената индустрија ќе има до 1 април кога им истекуваат договорите а потоа ќе треба да се снабдуваат од слободниот пазар.
Како образложение на одлуката, премиерот Димитар Ковачевски, соопшти дека дел од производителите ја злоупотребиле мерката и не ги намалиле цените иако биле обврзани да го сторат тоа а овие наводи се потврдени и од надзорите на инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
„Неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Антикризните мерки во време на глобална криза не ги донесовме за едни да бидат поповластени од други. Антикризните мерки не ги донесовме за едни да плаќаат а други да се богатат. Антикризните мерки не ги донесовме со цел да удрат по џебот на граѓаните и да бидат на штета на граѓаните а на бенефит на поединци. Дел од мерките насочени кон компаниите од прехранбената индустрија беа со една единствена цел, субвенциите да овозможат да се намалат цените за да им се помогне на граѓаните. Крајната цел беше да им се пмогне на граѓаните “, изјави премиерот Ковачевски на прес конференција веднаш по седницата на Владата.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, презентираше анализи на цени на енергенси и суровини според кои во моментов се далеку пониски од нои кои биле во октомври или ноември минатата година.
„Ако во октомври и во ноември цената на горивата како импут во делот на производството, на пример Еуродизел беше 99,55 и во ноември просечно беше 93 денари, денеска или, пак, во текот на јануари заклучно со денешен ден просечна цена е 77,88 денари и има најави дека дополнително ќе се намали денеска со одлука на РКЕ. На природниот гас кој одредени големи производители го користат како енергенс за производство на леб посебно за градот Скопје во октомври просечната цена беше 134, 9 евра по мегават час, во ноември 116,82 евра по мегават час, во јануари 56, 57 евра по мегават час и февруари 51,01 евра по мегават час. Сега сите можеме да ги направиме проценките процентуално колку се намалени цените во делот на енергенсите“, рече Бектеши.
Според Бектеши, во голем дел од државата цената на овие два тип на леб е под 33 денари а повисока цена има само во Скопје Тој соопшти дека замрзнатата цена на лебот ќе биде на сила до 31 мај.
„Не им се ускратува ништо од калкулациите на компаниите, само дополнителниот профит што некои од нив, не повеќе од десетина, сакаат да го прават согласно утврдените планови“ нагласи министерот Бектеши.
Активирање на стоковите резерви, како што бараат преставниците на пекарската индустрија и дел од експертите, нема да има соопшти Бектеши. Околу најавите на претставниците на пекарската индустрија дека во моменто кога ќе биде објавена одлуката во Службен Весник ќе престанат со производство и дистрибуција на леб Бектеши соопшти дека има институции, инспекции, прописи и регулативи без да прецизира дали би имало санкции и какви би биле тие.
Тој ги повика преставниците на пекарите на состанок и разговор за да се најде решение кое ќе бид еприфатливо за двете страни и секако за граѓаните.