Линкови за пристапност

Пендаровски: Потенцијална слаба точка која би можела да ја искористи Москва, е западен Балкан


Шефот на државата предупредува дека во ситуација на руска агресија врз Украина, потенцијална слаба точка во европскиот безбедносен систем, која би можело да ја искористи Москва или други играчи, е токму западниот Балкан. Според Пендаровски, најчувствителни позиции во регионот, на кои меѓународната заедница треба особено да внимава, се Република Српска и северот на Косово.

„Моја процена е дека доколку Русија се обиде да го дефокусира Западот од Украина, каде е главната битка, тогаш на такво нешто Западниот Балкан би бил поподложен, отколку балтичките земји. Како НАТО, земји-членки или кандидатки на ЕУ би требало на ова да внимаваме зашто т.н. мека точка во европската безбедноста архитектура во оваа ситуација е Западен Балкан“, рече претседателот Пендаровски.

Своите согледувања Пендаровски ги изнесе на Светскиот економски форум во Давос на панел на кој учествуваа и полскиот и литванскиот претседател. Сите го поздравија новото единство и солидарност кое дојде како одговор на војната што ја води Русија. Но, прашањето кое се постави е дали тоа ќе продолжи во наредниот период и откако ќе заврши агресијата врз Украина

„Не сум загрижен дека новонајденото трансатлантско и паневропско единство и солидарност ќе го имаме и годинава, но да бидеме реалистични – загрижен сум дали тоа ќе се задржи и кога војната во Украина ќе заврши. Сакаме војната да заврши уште денеска, но логиката на државите и на националните интереси како што е веќе со векови, е првенствено да се грижат за сопствениот двор. Ако повторно им даваме приоритет на националните интереси на државите, тогаш ова единство и солидарност ќе го снема. Тоа е клучно – имањето на ова паневропско и трансатлантско единство и солидарност за подобар свет, за да надвладее демократијата над автократијата“, рече Пендаровски.

Друга опасност на која се предупредува е и заморот кој се чусвствува кај дел од граѓаните на земјите членки на Унијата од војната, пред се поради негативните ефекти врз нивниот секојдневен живот.

„Да, загрижен сум дека западните општества може да се заморени од оваа војна зашто веќе имаме некои знаци на замореност поради високата инфлација, скапите енергенси... Мислам дека едно од решенијата на оваа загатка е да останеме обединети и да ги донесеме сите одлуки кон намалување на зависноста од рускиот гас“, рече претседателот на Литванија Гитанас Науседа.

Една од темите беше и како да се дојде до мир во овој судир, невиден во Европа по Втората светска војна. Дел од учесниците, во одговорите се повикаа на искуството на нивните земји во 45 годишното живеење зад Железната завеса.

„Русите многу добро ги познаваме и има една добра поговорка во Полска, Литванија, Украина... која вели `Руски мир-не благодарам`“, рече претседателот на Полска Анджеј Дуда.

XS
SM
MD
LG