Линкови за пристапност

Уставните измени се повеќе од собирање политички поени, рече Штајнмаер


Мојата молба до вас пратениците и до граѓаните е да продолжите напред по патот на пристапниот процес, не скршнувајте на последните метри, рече германскиот претседател на средбата со Пендаровски
Мојата молба до вас пратениците и до граѓаните е да продолжите напред по патот на пристапниот процес, не скршнувајте на последните метри, рече германскиот претседател на средбата со Пендаровски

Продолжување на пристапниот процес со усвојување на уставни измени, динамизирање на реформите, особено во делот на владеењето на правото и јавната администрација, задржување и не отстапување од европскиот курс, се клучни пораки на шефот на германската држава Франк-Валтер Штајнамер денес во Скопје.

Тој во двата јавни настапа, покажувајќи осет за чувствителноста на прашањата поврзани со македонско-бугарските односи, но истовремено и без вообичаените дипломатски заддршки, ги исцрта очекувањата на Берлин за земјава во наредниот период.

Според Штајнмаер, со членството во НАТО и процесот на пристапување кон ЕУ, Северна Македонија донела клучна одлука за правецот во кој ќе се движи - кон иднина во мир и слобода.

„Вашата земја се наоѓа пред една важна одлука дали преку промена на Уставот ќе го отвори патот за отворање на поглавјата во поединечни области, како што се економската политика или владеењето на правото. Јас сум тука за да ве уверам... Свесен сум дека Северна Македонија на својот пат кон ЕУ се соочи со потешкотии, дека довербата на луѓето во ЕУ беше оптоварена со Договорот од Преспа, но вие дадовте пример дека може, со политичка волја од две страни, да се надминат долгогодишни политички проблеми. Ви благодарам и за вашата прагматична сорабтока за компромис, за зајакнување на добрососедските односи со Бугарија, убеден сум дека овој став на крајот ќе се исплати. Останува важно, Северна Македонија да го задржи реформскиот процес. Во тоа можете да се потпрете на германската поддршка“, рече Штајнмаер.

Очекува фокусот, особено во ситуација на воја во Европа со руската агресија врз Украина, да биде кон иднината каде земјава ја гледа како рамноправна членка во ЕУ – чекор, со кој како што вели, Унијата ќе биде збогатена.

Посакува Северна Македонија што е можно побрзо да го заврши пристапниот процес, но дали тоа ќе биде до 2030, како што се надева владата, вели дека никој не може со сигурност да каже.

Домаќинот, претседателот Стево Пендаровски, е уверен дека ако се` зависи само од европските критериуми земјава брзо ќе ги изоди преговорите.

„Јас ве уверувам, зашто го знам нивото на подготвеност – 17 години ние се подготвуваме за преговори. Ние сме најдобро подготвениот кандидат за членство, наши тимови се направени уште пред деценија и половина. Уверен сум дека ако процесот не биде базиран на историја, туку на реални европски критеримуи, ние нив ќе ги завршиме во рекордно време“, рече Пендаровски.

Пораките за потребата од уставни измeни, Штајнмаер ја повтори и во Собранието пред оние кои треба да гласаат – пратениците.

„Протоколот со Бугарија и потребните уставни измени – овие теми ги засегаат граѓаните зашто се прашања од национален идентитет, јазик и култура. Сигурно е правилно овие дебати да се водат со страст. Сметам дека можете самите да ги водите овие дебати – вие самите одредувате што ја сочинува вашата земја, вие решавате како треба да изгледа македонскиот идентитет денес и како тој треба да изгледа во иднина. Онака како што го правите во вашата земја од пред 30 години, онака како што тоа го формулираше македонскиот писател Блаже Конески кога кажа `Јазикот е нашата татковина`. Мојата молба до вас пратениците и до граѓаните е да продолжите напред по патот на пристапниот процес, не скршнувајте на последните метри. Кај уставните измени станува збор за повеќе од собирање поени во внатрешно-политичка дебата“, рече тој.

Посетата на Штајнамер на Северна Македонија, прва на германски претседател по речиси 15 години, се случува во пресрет на 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави.

Тој е третиот германски претседател што дошол во земјава. Пред него тоа го направија Роман Херцог и Хорст Келер.

XS
SM
MD
LG