Линкови за пристапност

Студентите им покажаа жолт картон на Владата и политичарите


Подобар стандард, подобри услови во студентските домови и нивна итна санација, изземање од антикризните мерки се дел од барањата на студентите од сите факултети во државата кои денеска излегоа на марш


СКОПЈЕ - „Нема да ви помине“ е пораката која денеска студентите ја испратија од маршот кој се одржа во Скопје. Незадоволни од стандардот и условите во кои живеат во студентските домови, а по повод Светскиот ден на студентите, покажаа жолт картон на Владата и на министерството за образование.

Со десетици пароли и обединети зад транспарентот „Дали е ова 1939? Без образование нема држава“ претставници на универзитетските студентски собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“ го почнаа маршот пред зградата на Владата а го завршија пред министерството за образование со минута молк за студентскиот стандард.

„ Годината на транспарентот 1939-та ја означува годината кога нацистите ги нападнале студентите во Прага. Тоа е симболиката на самата порака: ‘Дали е ова 1939 година?’. Дали сегашните студенти ќе имаат ваков крај? Дали ова ќе значи крај на студентскиот стандард “, објасни Славчо Темеловски, претседател на универзитетското студентско собрание на УКИМ.

Иселувањето на младите мора да запре исто како и манипулациите на власта.

„ Колку квалификувани и образовани кадри треба да си заминат за да се освестите? Борбата која ја водите со нас знаете ли каков исход има? Студентското будење е предвесник на многу општествени промени. Се надевам дека во иднина ќе имеме подемократски законодавен дом“ изјави Милица Давчева од „Студентски отпор“.

Револтот и незадоволството мора да се покаже порачаа присутните на маршот.

„Треба да сме горди на себе. Ние дојдовме да им покажеме на овие навидум возрасни грѓание дека сме обединети, не си лицемериме, се бориме за иста цел и немаме задни намери“, рече Јован Јанев од универзитетот „Гоце Делчев“.

Незадоволството на студентите ескалиршае откако минатата недела во Собранието по скратена постапка имаше обид да се изгласаат законски измени со кои се укинува субвенционираниот студентски оброк односно додатокот од 2.400 денари месечно кој го добиваат околу 30 илјади студенти. Образложението на предлагачите беше дека мора да се штеди.На крајот под притисок на студентите и јавноста законските измени беа повлечени а пртеставниците на студентите повикани на средба во Собранието на која покрај министерот за образование Јетон Шаќири и пратениците предлагачи беше присутен и премиерот Димитар Ковачевски.

На средбата беше договорено до 15 декември да се исплатат заостанатите средства на студентите за два и пол месеци, околу 6.000 денари, заклучно со 15 декември бидејќи минатата година поради неажурноста на тогашната министерка за образование не се донесоа подзаконски акти со кои се продолжува рокот за исплата.

Студентите бараат износнот да се зголеми на 160 денари, а формирани се работни групи во кои учествуваат и тие а кои до март 2023 година треба да изготват нов закон и системско трајно решение.

Едно од клучните барања се подобри услови во студенстките домови каде хигиената е на очајно ниво а во моментов поради антикризните мерки често нема ниту парно греење, ниту пак функционални лифотви. Министерот Шаќири се обрвза до среда да достави акциски план за итна санација на студенстките домови.

XS
SM
MD
LG