Војната во Украина се одразува врз функционирањето на македонската економија. Погодени се сите секотори, меѓу кои енергетскиот. Но, експертите велат дека меѓу најпогодените е домашното земјоделство, бидејќи е расцепкано и секое зголемување на трошоците влијаат врз опстанокот на малите фарми и земјоделци.
„Ова е дополнителен притисок затоа што структурата на македонското земјоделство е таква што мала промена во трошковниот дел влијае на економијата на фармата. Кај нас главен проблем е што капацитетите се мали, не може да се постигне брза економија на обем. Проблем се енергенсите, тоа се нафтата и покачувањето на цената на вештачките ѓубрива. Ѓубривото има сериозно покачување. Тоа е над 200 отсто зголемено. Делумно е поради енергенсите, а делумно поради војната во Украина. Русија е голем извозник на неколку макроелементи во делот на исхраната на растенијата“, вели Благој Муканов, експерт за земјоделство.
А сето тоа доведува до зголемување на цената и на крајните производи.
„Очекувам дека можеби ќе има некое стабилизирање на цените. Но враќање на претходните цени не. Она што очекувам е можеби да не е толку рапидно зголемувањето на цените во Македонија. Но ние немаме доволен увид што ни се случува. Затоа што многу малку се работи на анализа и податоци. Методологијата на пратење на производството е делумно застарена. Не се базира на поконкрентни податоци. Ние сме мала земја и многу лесно можат да се вратат работите во тек. Но треба волја и институционални капацитети“, вели Муканов.
И металопреработувачката индустрија во државата преживува тешки денови. Енергетската и економска криза се одразија сериозно на овој секторот, од што зависат повеќе од 6.000 вработени, но и голем број на компании кои на еден или друг начин зависат од неа.
„Огромни се предизвиците. Беше многу тешко во август и септември, кога цената на струјата беше многу висока. Октомври беше нешто пониска. Трошоците кои беа за електрична енергија ни изнесуваат 70 проценти од целокупните трошоци. Тоа е огромен процент од целокупните приходи. Процесот на производство го прилагодуваме со тоа што работиме повеќе во ноќните часови или во часови кога електричната енергија на берзите е пониска“, вели Марија Дуковска Павловска, генерален директор на Макстил.
Металопреработувачката индустрија бара помош од државата, за која што вели дека е повеќе од неопходна за да се преброди овој период.
„Не само што доцнат, туку и ги нема мерките. Ако оваа базична индустрија не се поддржи, импактот кој што ќе го има, а кој ако се гледа за една година од сега, ќе биде многу поголем отколку она што може да се претпостави. Ние континуирано апелираме, но за нас се` уште нема мерки. Тоа е намалување на сите приливи кои се во фондовите по основ на вработувања, намалување на домашниот промет, намалување на плаќањата од странство, што ја загрозува макроекономската стабилност“, рече Павловска.