Мјанмар е рангиран меѓу најлошите земји во светот во однос на неказнивоста во убиствата на новинари, според новиот извештај на Комитетот за заштита на новинарите.
Извештајот го вклучи Мјанмар во својот годишен глобален индекс за неказнивост за првпат во 2022 година. Од петте новинари убиени таму во изминатите 10 години, тројца починаа додека бил приведени од хунтата, според истражувањето на Комитетот за заштита на новинарите.
Сомалија, осма година, е на врвот на листата. Мексико, што е на пат да ја забележи најсмртоносната година со повеќе од десетина убиени новинари, е на шестото место на индексот, кој ги следи нерешените убиства на новинари.
„Фактот што Мјанмар се појавува за првпат на Индексот за неказнивост, фактот што се катапултираше во рангирањето на нашата листа на затворени новинари, покажува колку режимот е репресивен од државниот удар на 1 февруари 2021 година“, изјави за Гласот на Америка претседателката на Комитетот за заштита на новинарите Џоди Гинсберг.
Комитетот за заштита на новинарите кон крајот на 2021 година го рангираше Мјанмар меѓу водечките држави по затворање медиумски работници на глобално ниво, бидејќи хунтата приведе десетици новинари.
Неказнувањето го прави известувањето во Мјанмар потешко и поризично, според еден поранешен новинар. Уредникот побара анонимност бидејќи останува во земјата.
„Пораката е дека војската може да убива новинари кои фотографираат и собираат вести“, напиша тој во пораката до Гласот на Америка.
„Не се чувствувам безбедно, поголемиот дел од ноќта чувствувам дека можат да се појават на мојата врата“.
Портпаролот на воениот совет на Мјанмар не одговори веднаш на барањето на Гласот на Америка за коментар.
Војската долго време ужива неказнивост за своите злосторства, и не само против новинарите, според Жулиет Верлин, француска хонорарна новинарка во Мјанмар.
„Знаете дека никој нема да биде таму да ве заштити ако нешто се случи. Војската е машина слична на октопод која одеднаш може да одлучи да ве таргетира и да ви го истисне животот“, изјави таа за Гласот на Америка.
„Локалните новинари се под постојана закана, а неказнивоста на војската ја трансформира работната средина во многу непријателска, што го прави известувањето похаотично“.
Кјав Хсан Хлаинг, слободен репортер кој избега од земјата во април 2021 година, изјави за Гласот на Америка дека влогот не може да биде поголем. „Тоа е едноставно. Можете да умрете. Недостаток на одговорност“, рече тој.
Новинарите од Мјанмар кои разговараа со Гласот на Америка рекоа дека не очекуваат правда за злосторствата против новинарите, или некој друг во скоро време.
Според Комитетот за заштита на новинарите, во речиси 80 отсто од 263 случаи на убиени новинари ширум светот во изминатата деценија, никој не одговарал.
Она што е особено важно, рече Гинсберг, е дека шест од земјите на овогодинешната листа се појавуваат секоја година откако индексот беше првпат објавен во 2008 година.
Тоа „многу силно го илустрира недостатокот на одговорност“, додаде таа.
Меѓу тие земји е и Сомалија.
Опасностите со кои се соочуваат новинарите во земјата беа нагласени во саботата, кога во двоен бомбашки напад во главниот град загина телевизиски новинар, а сериозно беа повредени уште двајца, вклучително и хонорарниот соработник на сомалискиот сервис на Гласот на Америка Абдулкадир Мохамед Абдуле.
Напаѓачите го активирале вториот експлозив додека медиумите пристигнале на местото на настанот. Тоа беше втор пат Абдуле да преживее бомбашки напад.
Одговорноста за нападот ја презеде милитантната група Ал Шабаб.
Сомалиските новинари ризикуваат притвор и насилство и од Ал Шабаб и од владата, изјави Мохамед Ибрахим, претседател на Сомалискиот новинарски синдикат во интервју за Гласот на Америка пред бомбардирањето.
„Медиумската заедница умира поради неказнивост“, изјави Ибрахим.
„Во Сомалија не се прават истражни стории. Ова е поради неказнивоста што се одрази на безбедноста на новинарите. Новинарите се принудени да се самоцензурираат, за да можат сепак да бидат безбедни“.
Покрај фаталното насилство, апсењата се друго прашање, рече Ибрахим. Генералниот секретар на синдикатот, Абдале Ахмед Мумин, беше приведен двапати во октомври, во потег за кој Ибрахим верува дека покажува малтретирање на медиумите во Сомалија.
Амбасадата на Сомалија во Вашингтон не одговори на барањето на Гласот на Америка за коментар.
Други земји во индексот ги вклучуваат Сирија, Јужен Судан, Авганистан, Ирак, Филипините, Бразил, Пакистан и Индија.
Индексот ги рангира земјите врз основа на бројот на нерешени убиства во период од 10 години и како процент од населението.
Вклучени се само новинарите за кои Комитетот за заштита на новинарите утврди дека биле директна цел на нивната работа.