Израелскиот претседател Исак Херцог планира да ги сподели разузнавачките информации за иранските беспилотни летала што ги користат руските сили во Украина на денешната средба со американскиот претседател Џо Бајден.
Канцеларијата на Херцог соопшти дека Израел има слики кои покажуваат сличностите меѓу беспилотните летала соборени во Украина и оние тестирани од Иран во 2021 година.
Иран негираше дека ги испорачувал на Русија, а Русија негираше дека ги користи во Украина.
Бајден вчера упати предупредување до Русија да не користи валкана бомба или кое било друго нуклеарно оружје.
„Русија би направила неверојатно сериозна грешка со употребата на тактичко нуклеарно оружје“, рече тој во вторникот кога новинар праша дали Русија организира „операција под лажно знаме“ – да употреби „валкана бомба“ и да ја обвини Украина.
„Сè уште не ви гарантирам дека се работи за лажна операција. не знам. Но, тоа би било сериозна, сериозна грешка“, рече Бајден.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, во вторникот рече дека има причина за загриженост бидејќи Русија веќе „покажа таква шема на обвинување други за она што таа самата ќе го направи на крајот.“ Во понеделникот Прајс предупреди на „опсежните последици“ доколку Москва употреби такво оружје.
Рускиот амбасадор во Обединетите нации, Василиј Небензја, испрати писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и Советот за безбедност доцна во понеделникот, велејќи дека Русија „ќе ја смета употребата на валканата бомба од режимот во Киев за чин на нуклеарен тероризам“.
Украина категорично ги отфрли наводите на Москва дека планира да активира валкана бомба на своја територија и за возврат ја обвини Русија за заговор да ја искористи заканата од бомба исполнета со нуклеарен материјал како изговор за ескалација во Украина.
Советот за безбедност на ОН разговараше за наводите на состанокот зад затворени врати во вторникот.
Некои информации се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.