Северна Македонија би можела да биде меѓу првите држави во Европа која ќе остане на летното сметање на времето, откако владата неодамна соопшти дека според нејзините проценки, тоа би помогнало да се заштеди електрична енергија. Со тоа би се стемнувало еден час подоцна, односно работниот ден со природна светлина би бил за 60 минути подолг.
Професорката по економија Јованка Дамоска Секуловска, не гледа бенефит во носењето на ваква одлука.
„Имајќи го во превид технолошкиот развој, а знаејќи и дека голем број уреди работат во текот на целата ноќ. Исто така, голем дел од процесите кои треба да се обавуваат се компјутеризирани, процесите на климатизација исто така. Можеби ќе се добијат некои придобивки, но тие би биле маргинални“, вели таа.
Таа објаснува дека пред да се донесе таква мерка, треба да се направи анализа, кои би биле придобивките, но и ризиците, бидејќи земјава е дел од поширокиот регионален и континентален систем на сметање на времето.
„Доколку се донесе некоја мерка за еден или два месеци, тоа на некој начин би значело отстапување од тие општо прифатени мерки, што би претставувало ризик во однос на сите комуникациски текови со кои ние сме поврзани со тие земји. Од областа на сообраќајот трговијата, телекомуникациите. Можеби како мерка за иднина би била подобра, бидејќи ние се наоѓаме на ивицата на средно европската временска зона“, додава таа.
И граѓаните не очекуваат дека ваквата мерка би придонела за заштеда на струја.
„Ќе се продолжи денот, меѓутоа ноќите се ладни. Денот е топол. Јас мислам дека голема заштеда нема да донесе“.
„Што има врска часот со времето. Часот не ја регулира топлината. Која заштеда е тоа. Нема врска. Времето часот го мери. Инаку заштеда нема“.
„Мала, сосема мала заштеда. Значително нема да влијае“.
И, други држави ширум светот не ги менуваат стрелките на часовникот како што се Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Јемен, Индија, Кина и Јапонија. Неодамна тоа го направи и Јордан.
И, САД е на пат да го направи истото, каде беше предложено летното сметање на времето да биде трајно. Ако биде усвоен од страна на Претставничкиот дом, откако предлог законот кој претходно беше изгласан во Сенатот, на сила треба да стапи во 2023 година на 5 ноември, ден пред да се вратат стрелките еден час назад.
Европскиот парламент во 2019 година донесе предлог-одлука за прекинување на сезонските промени на времето од 2021 година, но таа одлука се уште не е стапена на сила.
Дали Северна Македонија ќе остане на летното сметање на времето и ќе се приклучи на Русија, Белорусија и Исланд, кој не го менуваат часовникот, или ќе продолжи со досегашната практика, ќе се знае по анализите на надлежните институции. Последниот викенд од октомври вообичаено се преминува од летно на зимско сметање на времето.