Климент Младеноски и Тијана Костоска од Охрид, неодамна имаа можност да се запознаат со работата на вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА во Флорида. Искуството кое го стекнале, било повеќе од значајно, велат тие, бидејќи ретко кој има ваква можност. Научиле многу за историјата, но и за плановиге на НАСА во блиска иднина.
„Целото искуство беше неверојатно, дури и подобро отколку што очекувавме. Особено беше интересно затоа што се запознавме со многу интересни личности. За старт се запознавме со Стив Агит, кој имал разни инжинерски позиции порано во НАСА. Ни направи приватна тура низ Кенеди спејс центарот, каде што ни кажа факти кој немаше да ги спознаевме доколку појдовме само така. Бевме три пати во Кенеди спејс центарот. Во спејс центарот не очекувавме дека ќе видиме вистински ракети, како Сатурн фајв, која се користела во мисиите“, вели Младеноски.
За време на нивниот десетдневен пресетој, требаше да бидат сведоци на лансирањето на најновата ракета Артемис, како дел од проектот на НАСА, за враќање на човекот на Месечината. Но поради технички проблем, истиот тогаш не се реализирал.
„Но овојпат по можност и човекот да остане на Месечината, за истражување и други активности. Почетокот на овој серијал мисии, требаше со Артемис 1 да се тестира, дали ракетата може да го направи патот до месечината и назад, но без да слета на неја. Па потоа на Артемис 2, да се стави екипажот во неја, но повторно да не се слета на месечината. За дури со Артемис 3, да има слетување на месечината,. Подоцна планирани се дополнителни Артемис мисии, каде ќе се прават и бази на месечината“, вели Младеноски.
А, патот до Флорида, оди преку националниот натпревар „NASA Space Apps Challenge“ во Скопје во 2021 година со нивниот проект „Саластра“, што е теоретско решение за растење на растенија во вселената. Како награда добиваат посета на НАСА центарот.
„Односно работевме на систем, кој што ќе овозможи растење на спанаќ во вселената, но со мало подесување на параметрите, може да се користи за било кое друго растение. Но ние зедовме спанаќ, за да може да ги направиме тие груби пресметки, кои димензии ќе ни бидат потребни, колку вода ќе ни биде потребно, колку светлина“, вели Тијана Костоска.
Климент и Тијана, кои по професија се машински инженери, во моментот се на постдипломски студии на Универзитетот Гронинген во Холандија, на отсекот напредна инструментација.
Нивните планови се по завршувањето на студиите да работат на различни проекти, со кои ќе помогнат да се подобри секојдневниот живот на луѓето.