На овој графикон изработен според официјални податоци на УХМР, се гледа како се движи опаѓањето на нивото на Преспанското езеро од 1951 до 2020 година за цели девет метри. Лазар Николов од Македонско еколошко друштво, кој од 2009 година работи на истражувања поврзани со Преспанското езеро, вели дека во последните 15 -20 години континуирано се бележи пад на неговото ниво. Две причини се клучни, вели тој: климатските промени и антропогениот фактор, односно човекот.
„Намалените врнежи во последните години си го направија своето. Губиме по различни патишта дел од водениот столб на езерото“, вели Лазар Николов од МЕД.
Од Хидробиолошкиот институт од Охрид, велат дека на Преспанското езеро последните две до три децении, му се заканува еколошка катастрофа, бидејќи доаѓа до постојано намалување на количините и резервите на вода.
„На големото Преспанско езеро му фалат 53 милиони метри кубни вода годишно, што е голема бројка. И при секое наше излегување на терен е забележително повлекувањето на водата“, објаснува Орхидеја Тасеска, директорка на Хидробиолошки институт Охрид.
Тасеска вели дека грешки биле направени во минатото.
„Водите од Мала Преспа биле искористувани во системот за наводнување на Кочанско поле. A, за време на сушниот период водата од реката Девол била пренасочувана во малото езеро, што доведувало до зголемување на наносите преку реката во Преспанското езеро и негово поплиткување. Oд грчка страна е направена брана помеѓу малото и големото Преспанско езеро и е запрен природниот проток на вода од Мала Преспа до големото Преспанско езеро“, додава Тасеска.
Од македонска страна бил направен пумпен систем кај селата Асамати и Сирхан за наводнување на земјоделските површини, кој сега не се користи.
„Меѓутоа сега пак постојат безброј бушотини, кои мештаните ги користат или ги искористуваат различните канали за наводнување, црпејќи вода од реките кои се влеваат во Преспанското езеро“, коментира Орхидеја Тасеска, директорка на Хидробиолошки институт Охрид.
За Николов, многу позагрижувачки податок е зголемувањето на еутрификацијата на езерото, односно нарушувањето на квалитетот на водите.
„Целиот жив свет ќе почне да изумира ако завладее хипертрофна состојба во езерото, т.е. услови без кислород во водата. Тоа е резултат пред се на нарушување на природните живеалишта во последните 20 години околу езерото. Сите блата, сите мочуришта, влажни живеалишта кои претставуваа филтер пред да се слеат органските и неорганските материи во езерото денес се комплетно уништени. И од сите ниви и ораници околу, целата органска материја да се одлее во езерото и нема што да ја задржи“, изјави Лазар Николов, МЕД.
Препораките се дека за подобрување на состојбата, мора да се крене нивото на соработка помеѓу трите земји, кои го делат езерото преку размена на податоци.
„Решавање на проблемот со Девол со Грло во Албанија, овозможување на доток од Мала Преспа во големо Преспанско езеро. И тоа со Грција мора да биде решено, бидејќи колку толку, одредени количини доаѓаат“, коментира Тасеска.
„Нашите главни препораки во овие сушни години да му помогнеме на езерото е да се намалат отворањата на нови плантажи со јаболка, да се намали внесот на органски и неоргански материи, органски ѓубрива и пестициди во јаболкниците. Да се проба да се најде начин да се ревитализираат дел од природните живеалишта на Преспа и треба да се изнајдат механизми, да му се понуди план Б на локалното население за егзистенција“, вели Николов.
Природниот испуст на вода од Преспанско во Охридско езеро, преку Галичица, кој се случува илјадници години, велат експертите, воопшто не е причина за сегашната состојба на езерото.
„Со истражување е докажано дека тој доток на вода во Охрид е секогаш умерен и скоро постојан. За време на влажни периоди е секогаш 6-7 метри кубни вода во секунда, а за сушни периоди околу 4 метри кубни вода во секунда, што не е количина што би довело до онака нагло исцепување на водата, како што народот сака да си го прикаже“, додава Тасеска.
Инаку, после две години застој, повторно се активира и програмата “ЕУ за Преспа”, што значи дека Унијата ќе донира одредена сума на средства за спас на Преспа.
Од Министерството за животна средина велат дека во јуни 2021 година, била донесена одлука за формирање на комисија за следење на спроведувањето на мерките од акцискиот план за Преспанско Езеро. Како приоритетни активности биле предложени, надградба и следење на националната мониторинг мрежа во сливот на Преспанското и Охридското Езeро, изработка на студија за биланс на води за Преспанското Езеро, изработка на студија за утврдување на влијанието од загубите на вода врз биолошката разновидност и истраги за истекување на вода низ карстниот масив на Галичица.
Сите три групи на мерки , кои биле неопходни за целосна имплементација на планот, треба да се реализираат во период до шест години. Во меѓувреме засилена била контролата на употребата на езерските води за наводнување.