Премиерот Ковачевски повика на обединување во исполнување на целите, а финиширање на преговорите со ЕУ до 2030 година се повеќе од реална проценка. Претседателот Пендаровски порача дека е потребно единство и обновување на заедништвото, а не трошење на време и енергија во поделби, обвинувања и опструкции
СКОПЈЕ - Пораки за обединување, сплотеност и одлучност се клучните во говорите кои денеска, по повод Денот на Независноста, ги одржаа државниците и лидерите на политичките партии. Северна Македонија денска го слави денот на прогласувањето на независност и формирањето на држава, идејата на Илинденците и Асномците и сонот на многу генерации. Македонската држава наполни триесет и една година, а тоа се години исполнети со подеми и падови, со успеси и неуспеси на вантрешен и меѓународен план.
„Почитувани сме и признаени како држава на богатсво од различности каде граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми и сите други имаат кои живеат во Северна Македонија имаат сти права и должности, споделуваат исти демократски вредности како Европа во мало и во тоа е нашата сила и нашата вредност. Нашата историја е впишана во нас и тоа е непроменлив факт. Имамше шанса да им го отвориме патот на прогресот на новите генерации како што нам ни беше отворен и наша должност е да го направиме тоа“, рече премиерот Ковачевски во неговото обраќање на централната манифестација на прославата која годинава беше под мотото „Обединети во слободата“ се одржа во паркот Ибни Пајко.
Тој го цитираше првиот претседател Киро Глигоров и неговиот повик до граѓаните да излезат и да гласаат занезависност и развивање на меѓуетничките стандарди како што е напишано уште во Крушевскиот манифест.
Во своето обраќање премиерот истакна дека за него се суштински важноста да се има мудро, храбро и прогресивно лидерство, кое што во клучен момент може да препознае што е исправно и да води напред и важноста на заедништвото, во заложбите за постигнувањето напредок.
„Седнавме на европската маса, затоа што таму ни е местото – бидејќи спроведуваме европски вредности, на дело. Кажавме и Не кога требаше и Да кога требаше и така ќе биде и во иднина. Дијалошките маси се нашата силна страна. Имавме низ годините многу пријатели и лобисти и аргументи – имаме и денес. Но, на европската маса нас нè немаше. А, сепак и во такви услови, на светот му ја вративме вербата во функционалноста на дипломатијата, преку којашто постигнавме решение за долгогодишен исцрпувачки спор. Сега на таа европската маса ние ќе говориме во наше име. Ќе се слушаат и нашите аргументи и ставови – и нашата вистина“ рече Ковачевски.
Премиерот повика на обединување.
„ Потребно е да бидеме обединети во регионот. Потребно е да бидеме обединети во Европа. Потребно е да бидеме обединети со демократскиот свет. Бидејќи и овој современ, цивилизациски, технолошки развиен 21-ви век во којшто живееме, ги покажа своите слабости. Нè испречи: прво пред пандемијата со КОВИД-19, а потоа и со војната во Украина, којашто ретко кој можеше да поверува дека навистина ќе се случи. Европа ги отвори вратите за нас. Дали ќе станеме дел од европското семејство – сега, од нас зависи“, порача Ковачевски.
Во својот говор тој кажа дека проценките за финиширање на преговорите со ЕУ до 2030 година се реални.
Претседателот Стево Пендаровски, по повод Денот на независноста, се обрати пред присутните на свечената церемонија во „Вила Водно“. Во својот говор тој нагласи дека единството е клуч за успех и дека мора да се обнови заедништвото. Тој дека Северна Македонија се соочуваше со двојни стандарди, имаше разочарувања за граѓаните и непотребно трошење на време и енергија во поделби.
„ Иако почнавме од иста стартна позиција и игравме според правилата, во одредени периоди како држава се соочивме со двојни стандарди и пристрасни судии што не секогаш ни овозможуваа праведно оценување на постигнатото. На овој тежок пат постигнувавме и успеси, но, приредувавме и разочарувања за македонските граѓани. Енергијата честопати ја трошевме во меѓусебни обвинувања и опструкции, а на внатрешен план, најголем предизвик со кој и ден-денес се соочуваме се длабоките поделби во македонското општество, во нашиот тим. Единството е клучниот предуслов за успех, а, за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите, мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста, не за личниот интерес, туку за општото добро“, рече претседателот Пендаровски.
Македонија прогласи независност откако успешно го спроведе референдумот на 8 септември 1991 година на кој граѓаните се изјаснуваа на прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“.
Според конечните, официјални резултати од 1.495.626 гласачи, на Референдумот излегоа 1.021.880 или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95,09 отсто гласаа за самостојна и независна Македонија.
Вечерта на 8-ми септември 1991-та, претседателот Киро Глигоров, во придружба на премиерот Никола Кљусев и бројни политичари пред граѓаните на Плоштадот во Скопје соопшти дека народот гласаше за самостојна македонска држава.