„Не сакаме да видиме нова железна завеса во Европа, но за жал можеме малку да направиме за тоа да спречиме. Безбедносната архитектура во Европа создадена по Студената војна е серизоно раздрмана и може да колабира“, рече Тања Фајон, министерка за надворешни работи на Словенија.
Со оваа порака почна овогодишниот Бледски стратешки форум. Проценките на европскиот политички врв се дека војната во Украина донесе и носи последици кои ќе влијаат врз иднината на Стариот континент. Но, и покрај високата цена која, на економски план, ја плаќа, Европската Унија уверува дека нема дилема дека поддршката за Украина ќе остане се` до победа.
„Путин не смее да победи, а Украина мора да ја добие војната, ова е апсолутно јасно. Затоа, се мобилизиравме економски како никогаш досега. Брзо реагиравме и имплементиравме незапаметени санкции кои се на штета на Русија. Истовремено, ја помагаме финансиски Украина со повеќе од 10 милијарди евра, а и даваме поддршка на нејзините одбранбени напори. Тоа ќе го правиме се` додека треба. Тоа го правиме за да ги поддржиме нашите европски вредности, но и да им кажеме на Русија и на светот дека прекршувањето на меѓународните правила скапо чини. Мора да ги поддржиме демократиите кои се загозени, тука мислам и на Западен Балкан. Да нема дилема за Западен Балкан - регионот е дел од европското семејство. Отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија беше вистински камен-темелник, поставивме услови, а граѓаните и демократиите испорачаа, тоа беше голем успех“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Словенечкиот претседател беше поконкретен – стравува дека потенцијалната нова блоковска поделенст меѓу западните демократии и руската сфера на влијание може да поминува токму низ Западен Балкан. Затоа, Борут Пахор, инсистира на забрзување на процесот на проширување кон регионот.
„Колку подолго трае процесот на проширувањето, толку подолго земјите од Западен Балкан ќе бидат под потенцијално влијание на Русија. Можно е новата блоковска поделеност да поминува среде Западен Балкан. Од тој аспект, клучна е Босна и Херцеговина на која треба побрзо да ѝ се даде кандитаски статус. Но, и Србија ќе има решавачка улога ако поделбата води низ Западен Балкан. Би сакал српката политика да има импакт за Западен Балкан да остане во западноевропското семејство. Тоа е комплексно прашање, мислам дека Србија би расчистила со Русија само ако има чиста европска перспектива и место во ЕУ. Потребен е што е можно побрз консезнуз во Брисел дека проширувањето кон Западен Балкан е клучно геополитичко прашање“, рече претседателот на Словенија Борут Пахор.
Прогнозите од форумот на кој учествува и шефот на македонската дипломатија, како и претставници на американската администрација, се дека Европа треба да се подготвува за идни кризи – економски, енергетски, безбедносни, но притоа да не ги загуби своите вредности кои му донесоа децениски мир и просперитет на континентот.