Линкови за пристапност

Османи: прифаќањето на „францускиот предлог“ е добра одлука и тоа ќе го покаже времето


Шефот на дипломатијата утре ќе ги посети Македонците во Албанија кои тврдат дека се под константен притисок да се изјаснат како Бугари на претстојниот попис. Изјавата на бугарскиот европратеник Џамбаски ја оцени како провокација и го повика претседателот на Комисијата за надворешни работи, Антонијо Милошоски, да не работи по партиски диктат и да го деблокира процесот на избор на амбасадори


СКОПЈЕ – Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, денескаги презентираше во јавноста резултатите од неговото двегодишно работење како министер за надворешни работи. Како најголем предизвик во работењето ги посочи односите со Бугарија а како клучни постигнувања на македонската дипломатија - усвојувањето на преговарачката рамка, безусловната прва меѓувладина конференција за почеток на преговорите со Европската унија, историските прашања кои не влегоа во преговарачката рамка и напуштањето на озогласената рамковна позиција на Република Бугарија и Декларацијата на бугарското Собрание кое резултираше со вето.

„ Тоа што сметам дека е најважно што го постигнавме е, дојдовме во ситуација Република Бугарија, односно владата на Република Бугарија да ја поништи озогласената рамковна позиција на Република Бугарија по однос на европските перспективи на Република Северна Македонија. Која што беше озогласена не само по однос на тонот и навредливоста кон важните вредности за нас, туку имаше и одредени цели, односно навреди во тој процес, а тоа е македонскиот јазик во ниту една ситуација или контекст да биде дел од преговарачката рамка. И второ, да има 35 поглавје со историските прашања како одредници за отворање и затворање поглавја, односно за прогрес во пристапниот процес. Најважно е таа рамковна позиција на владата се поништи, а потоа следеше и поништување на Декларацијата на бугарското Собрание која што беше донесена со консензус која што го рефлектираше духот на Рамковната позиција и беше основата на ветото што Република Бугарија го постави кон Република Северна Македонија“, рече Османи.

Шефот на дипломатијата е убеден дека прифаќањето на „Францускиот предлог“ е добра и стратешка одлука за која времето ќе покаже дека било така.

„Успеавме во последен миг да ја извлечеме државата од балканскиот вртлог и да ја лансираме во еден неповратен пат на европеизација, на стабилизација и на зголемување на стандардот на граѓаните“, рече Османи и додаде дека скрининг процесот почнува за две недели со првиот кластер фундаменти.

Османи утре заминува во Албанија каде ќе ги посети претставниците на македонската заедница за да разговара со нив по последните притисоци од Бугарија пред претстојниот попис и тврдењата дека во Албанија живее бугарско малцинство алудирајќи на населението во Пустец, Голо Брдо и Гора. Македонските здруженија и друштва јавно реагираа дека во последниот период се соочуваат со константен притисок за да се попишат како бугари односно за нивна асимилација.

„Ние работиме со македонскот национално малцинство во Албанија подолго време преку различни форми, преку комуникација и асистенција. Јас веќе имав коуникација со нив и се договоривме утре јас ќе ги посетам Пустец како и новиот граничен премин „Џепиште – Требиште каде штои исто така живее македонско национално малцинство. Секако во договор со нив. Ќе ги посетам Општините и училиштето, ќе имам комуникација со граѓаните и нивните здруженија, во текот нба целиот утрешен ден за да ги служнам нивните забележки за да видиме што може да помогнеме во комуникација со република Албанија“, изјави Османи.

На последната изјава на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, познат по антимакедонските ставови и провокаторски изјави, дека „зад Деве Баир живее ист народ поделен со вештачка граница, Османи му реплицираше дека тоа е вистина само ако мисли на трите илјади граѓани кои на последниот попис се изјаснија како Бугари. Изјавата ја карактеризираше како провокација но без прецизен одговор дали ќе се превземе нешто односно дали ќе биде испратена протестна нота.

„Можеби има право во делот на трите илјади Бугари кои живеат во Северна Македонија, тие се еден народ. Така да треба да објасни дали мисли на тоа. Инаку се друго е апсолутно провокација и невистина. Така да ако мисли на трите илјади бугарско малцинство да, и ќе се обидеме да ги имаат сите права и можности како сите други граѓани “, рече Османи.

Османи повторно го повика претседателот на Комисијата за надворешни работи Антионио Милошоски да престане со блокада на работата за да може да се пополнат дипломатско конзуларните претставништва. Тој го обвини дека исполнува партиски директиви на штета на меѓународната политика на државата со што се испраќа лоша порака во странство.

„ Не само што се блокира нормалното функционирањето на надворешната политика, не само што остануваат празни нашите амбасади, не само што даваме лоша порака на граѓаните што не праќаме амбасадор… Не можеме 8 септември да го одбележиме во дипломатските конзуларни претставништва, да имаме мал прием. Има и практични причини, почнува школската година, амбасадорите треба да ги запишат децата во училиштата во државите во кои одат, не можат да ги запишат, ќе треба децата да изгубат од наставата. Ако имате забелешки кажете ги, но да бојкотирате само поради партиски наредби или да и наштетите на Владата е нечесно и некоректно и кон луѓето и кон државата“, нагласи Османи.

Османи не ја исклучи можноста да се пресконе собраниската комисија која како што кажа не била законска обврска и претседателот Пендаровски да ги попише указите.

XS
SM
MD
LG