На дел од патиштата во Грција, се уште не се променети старите патоказни табли на кои пишува Скопје или ФИРОМ, иако со Преспанскиот договор е предвидо почитувањето на новото име, Република Северна Македонија. Во членот еден од договорот стои дека официјалното име на втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име и ќе се употребува ерга омнес, како што е предвидено во оваа спогодба, додека скратеното име е „Северна Македонија“.
Тоа најдобро е објаснето во точка 7 од договорот, каде стои:
ЧЛЕН 7 – Преспански договор
По влегување во сила на оваа спогодба и во согласност со одредбите од член 1, став (9) и став (10) термините „Македонија“, „Република Македонија“, „ПЈР Македонија“, „ПЈР. Македонија“, во преведена или непреведена форма, како и привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“ и кратенката „ПЈРМ“ ќе престанат да се употребуваат за обраќање кон втората страна во каков било официјален контекст.
Екс амбасадорот, Ѓорѓи Филипов вели дека и соседна Грција, треба да го почитува договорот, како што тоа го прави Северна Македонија.
„Уште една година има од техничкиот период, кога треба тие технички прашања да бидат завршени од двете страни, каде и Република Грција, ќе треба да го промени тие табли каде што пишува ФИРОМ. Некаде се оди и во ситници, па некој проверува, вие не сте промениле таму, па затоа ние нема да промениме овде, што не соодвествува со одредбите од договорот, кој вели дека земјите ќе соработуваат и пријателски ќе се однесуваат“, вели Филипов.
По однос на ова прашање од Владата велат.
„Во однос на прашањето за старите патокази, информираме дека тоа прашање е покренато со Грција, како и многу други теми од интерес на двете држави, како и очекувањето дека истите ќе се решат во многу скоро време“, одговорија од владата.
Филипов пак смета дека треба да се забрза процесот на имплементација на Преспанскиот договор.
„Апсолутно има уште многу работа. Не само што не е завршен техничкиот период, а кога ќе почнат преговорите, а тоа веќе го направивме, тогаш ќе почне и политичкиот период, кога за дополнителни пет години треба да се решат некои прашања, кои произлегуваат од самиот договор“, додава Филипов.
Од Владата велат дека со Грција продолжувале да ги спроведуваат обврските кои произлегуваат од Преспанскиот договор. Се остварувала редовна комуникација меѓу конкретни институции од двете држави, вклучително и Министерството за надворешни работи, каде одблиску се следел спроведувањето на Договорот.
Во тек биле и подготовките за отворање на нови гранични премини, а двете комисии - за историски, археолошки и образовни прашања, како и меѓународната експертска група за трговски марки продолжувале со работа, додека бизнис заедницата одржувале редовна комуникација.
Преспанскиот договор, кој го реши долгогодишниот македонско-грчки спорт за името, беше потпишан на 17 јуни 2018 година, на грчката страна од Преспанското езеро, во селото Нивици.