Линкови за пристапност

Македонисти од странство: Македонскиот јазик не е ист со бугарскиот


Странски и домашни македонисти кои во Охрид се дел од 55-та летна школа по македонски јазик, литература и култура, сметаат дека македонскиот јазик нема допирна точка со бугарскиот јазик.

Долгогодишниот професор по македонски јазик во Словенија, Соња Дожан, вели дека ставовите на соседна Бугарија, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, воопшто не држат место. Според неа бугарската политика кон македонскиот јазик е чисто политичка.

„Ги оценувам како многу подли, затоа што како може некој од страна да дојде и да каже, дека луѓето овде зборуваат некој друг јазик. Македонците ако велат дека зборуваат македонски јазик, што има Бугарите да кажуваат дека тоа не е македонски јазик. Јас апсолутно ги подржувам Македонците. Го познавам и бугарскиот јазик и можам лично да тврдам, дека тоа апсолутно не е ист јазик. Се разликува многу и граматички и лексички. Не знам од каде воопшто идејата дека тоа може да биде ист јазик. Јас мислам дека не премногу, туку апсолутно има само политика во ова“, вели Дожан.

Универзитетскиот професор по македонски јазик, Максим Каранфиловски, вели дека се додека постојат говорители на македонски, ќе постои и македонскиот јазик. Според него, нападите од соседна Бугарија, периодично се засилуваат, секогаш кога земјава сака да направи чекор напред.

„Ние веќе одамна сме навикнати и отрпнати на таквите напади, затоа што тоа не е ништо ново. Тие периодично се засилуваат, секогаш кога Македонија сака да направи чекор напред. Но мислам дека тоа не треба ниту да не плаши, ниту да не возбудува, затоа што ние имаме цврсти темели, имаме многувековна историја, и покрај тоа што непријателите тврдат дека ни е кратка историјата. Така да не треба воопшто да се плашиме, да не фаќа некаков страв, дека ќе се случи некакво предавство. Секако дека треба да одговараме на тие напади, да се браниме, бориме и да ја докажуваме својата вистина. Тоа е она што треба да го правиме“, вели Каранфиловски.

Со него се согласува и професорката, Весна Мојсова Чепишева.

„Можат тие да зборуваат, да не оспоруваат, но ние мора да чекориме по оние чекори кои ни ги остави да ги чекориме Блаже Коневски. Јас сум македонист, јас знам од каде произлегол мојот јазик, знам кој е македонскиот јазик, знам дека тој се зборувал и векови наназад. Што сакаат можат да кажат. Еве сега зборуваме на тој јазик. Дали е тој поразличен од бугарскиот. Поразличен е. Но не значи дека не можеме да се разбереме. Ние се разбираме и со оние кои зборуваат на српски и на хрватски“, вели Чепишева.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, рече дека се додека има говорници на еден јазик тој ќе постои.

„Се додека постоиме и говориме на македонски, ниту една фуснота, негација, забелешка или што и да е, не може да ја прикрие вистината. Сите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила. Ниту еден документ, декларација, изјава, не можат да обезбедат траење на еден јазик, ако тој не е жив, односно ако никој не го употребува. Затоа секој во рамките на своето опкружување, својот дом, професионалната средина, на местото на разонода, културни настани, во духовните храмови, кога беседиме и размислуваме, да говориме на македонски и на тој начин да го шириме универзумот на македонскиот јазик“, вели Пендаровски.

Македонистите порачуваат дека на земјава и е потребна национална стратегија за македонски јазик, како и отворање на катедри по македонски, на што повеќе странски универзитети.

„Треба да се направи еден вид на стратегија. Ние се уште немаме национална стратегија. И после 30 години, национална стратегија за зачувување на македонскиот јазик немаме“, додава Чепишева.

„Сметам дека треба да се вложат уште повеќе напори и средства, да се афирмира македонскиот јазик ширум светот. Ако погледнеме, не треба да сме самозадоволни со она што сме го постигнале. Ние имаме присуство на околу триесет светски универзитети. Тоа на прв поглед е добра бројка, но јас би бил позадоволен да бидат над триста. Да не речам и над три илјади. Ако вложиме напори, многу поголема поддршка низ светот ќе добиеме, затоа што мора да сме свесни, многу луѓе и не знаат надвор од славистичкиот свет, кој е тој македонски јазик, каде е таа Македонија. Се разбира тоа не се прави преку ноќ. Треба континуирано државата да вложи многу повеќе во ваквите активности, за да бидеме по безбедни, посигурни и попознати низ светот“, вели Каранфиловски.

Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот, Свети Кирил и Методиј вели дека расте интересот за изучување на македонскиот јазик во светот.

„Меѓу семинаристите се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет, лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи. Но и нови посветеници на македонистиката, кои искажуваат подготвеност да остварат влог во афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во светот. А, колку се посилни нападите, колку се пониски навредите, упатени на адреса на македонскиот јазик, литература и култура, толку сме по исправени како високобразовна и научна институција, која ги негува македонскиот јазик, литература и култура“, вели Јанкуловски.

XS
SM
MD
LG