Сите политички партии како и нивните подмладоци декларативно се за промена на актуелниот изборен модел и за воведување на нов со отворени изборни листи, иако досега нема напредок на тој план, вели Масар Жаку, кој во 2020 и 2021 година бил мобилизатор на заедницата во рамки на проектот, „Поддршка на изборни реформи“, спроведен од Националниот младински совет на Македонија. Според него со постоечкиот изборен модел се фаворизира волјата на одредени групи во политичките партии и на нивните лидери.
„Се оди по волја на определени лица или одредени таргет групи, што сакаат да одлучуваат, кој ќе биде пратеник, нема да биде или советник. Со актуелната ситуација, претставниците немаат одговорност пред граѓаните, туку пред тој човек или група, што има одлучено тој да биде носител“, вели Жаку.
Изминатиот период повторно се актуелизира ова прашање, а најгласни за промени се помалите политички партии. Некои се за пропорционален модел со една изборна единица, без изборен праг. Други пак, да има три, шест или 120 изборни единици.
„И, во ЕУ, најголем дел од државите, воведуваат изборен модел со отворени листи“, вели тој.
Бојан Кордалов, од Институтот за добро владеење вели дека воведувањето на една изборна единица, значи подобрување на изборниот процес.
„Една изборна единица, значи дека конечно би се ставило крај на можноста било која политичка партија да има апсолутна власт во Македонија. Апсолутна власт, значи апсолутна неодговорност, значи апсолутна негрижа и значи многу помала одговорност на власта, политичарите, партиите, кон граѓаните“, вели Кордалов.
Жаку смета дека со воведување на изборен модел со отворени листи, повеќе нема да има пратеници и советници во локалните совети со по неколку мандати, како досега.
„Изборниот модел задолжително те тера да гласаш за носителот, но има квалитетни луѓе кои се број 12,13,15 итн. И, тие другите кои се по редослед се само како бројка и учествуваат во процесот да помине само првиот или вториот пратеник. Со воведување на изборниот модел со отворени листи, Граѓанинот лично ќе заокружи број 15 или 20, со тоа што тој претставник утре ќе дава отчетност директно пред гласачот, а не спрема лидерот и тесната група“, врли Жаку.
„Односно ќе даде примат на луѓето, наспроти политичарите, кои се чувствуваат дека кога ќе завршат изборите имаат право да им кажуваат на граѓаните што да прават, а не обратно“, вели Кордалов.
И, претседателот на државата Стево Пендаровски, неодамна рече дека изборните реформи се исклучително важно прашање.
„Генерално мојата поддршка беше за создавање на пропорционален изборен модел со отворени листи, како и намалување на бројот на изборни единици на територијата на целата држава“, изјави Пендаровски.
Во Република Северна Македонија, од 2006 година има изборен модел со затворени листи и со шест изборни единици.