Линкови за пристапност

Партиските работни групи разговараа, но не се договорија околу францускиот предлог


Дијаметрално спротивставените ставови на СДСМ и ВРМО- ДПМНЕ околу преговарачката рамка остануваат и по работната средба на претставниците на политичките партии која се одржа попладнево во Клубот на Пратеници


СКОПЈЕ - Спротивставени ставови, но конструктивен дух. Ова е оценката на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за средбата на работните групи на политичките партии околу францускиот предлог која се одржа попладнево во Клубот на Пратеници.

„Иако имавме различни ставови по многу прашања, духот беше конструктивен и мислам е добро да има вакви средби. Беше добра почетна средба со овие позиции и мислам дека во наредните денови треба да продолжиме да разговараме, дали вечер, утре или наредните денови постои желба да се разговара на оваа тема“, изјави Маричиќ.

Вицепремиерот посочи оти ги објасниле и механизмите за заштита на нашиот национален идентитет.

„Објаснувавме на долго, на кој начин, кои се механизмите за заштита на нашиот јазик и идентитет и гаранции дека нема да бидеме доведени во било каква положба да прифатиме нешто што би не загрозило тој идентитет. ВМРО-ДПМНЕ изнесе некои ставови кои ние веќе сме ги разговарале и во преговарачкиот процес“, рече Маричиќ.

Тој смет дека доколку преговорите се водат добро Северна Македонија може да стане членка на ЕУ до крајот на оваа декада.

За протоколот со Бугарија нагласи дека Владата не го крие туку ќе го објави откако ќе биде во фаза да моѓе да се дикутира по него.

Од ВМРО - ДПМНЕ соопштија дека на состанокот ги презентирале нивните забелешки и ставови за преговарачка рамка, и фанцускиот предлог кој што беше доставен до Македонија. Тие доставиле документ на кој се презентирани забелешките како и што според партијата треба да стои во документите на ЕУ. Станува збор за шест барања.

„Првата точка во која што интервенираме е точка три од општиот став каде што бараме реченицата „ЕУ ги зема во предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“ да се избришат. Ова го бараме затоа што сметаме дека македонскиот јазик е самостоен, независен и нема што Бугарија да дава мислење во однос на македонскиот јазик кој што ќе станува дел од документите на ЕУ, и предлагаме јасно да пишува дека документите на ЕУ од акито и сето останато во преговорите ќе бидат на македонски јазик. Значи велат јасна формулација за македонскиот јазик, ова е јасна формулација за македонски јазик, македонски јазик без никакви изјави, дообјаснувања, подобјаснувања“, изјави Алекандар Николовски, потпретседател на ВМРО - ДПМНЕ.

Тој е дециден дека преговарачката рамка може да се менува се додека Македонија не ја усвои.

„Доколку власта е подготвена нашите шест барања да ги имплементира и да побара од Брисел да ги инкорпорира во документите кои се дел од предлогот и се додека не се инкорпорирани подготвени сме да разговараме. Во спротивно нема за што да разговараме“, рече Николовски.

Околу протоколот со Бугарија, кој сеуште не е презентиран на јавноста но и на партијата, од ВМРО - ДПМНЕ го оценуваат како исклучително лош.

За ВМРО - ДПМНЕ, Владата се обидува да ги манипулира граѓаните дека преговарачката рамка ја усвојува Собранието и нагласи дека ВМРО - ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот во ниедна форма и ниедна фаза.

Опозициската Алијанса за Албанците пак повтори дека нивниот став е дека фрнацускиот предлог е прифатлив.

„Сметаме дека не треба да ја пропуштиме оваа шанса. Треба како држава да ја материјализираме. За сите отворени прашања може да продолжат разговори и преговори што побрзо да може да се решаваат тие отворени проблеми Нашата цел е зачленување во ЕУ. И мора кон тоа да придонесуваме. Во потполност ги разбираме нашите сограѓани Македонци за нивниот идентитет и јазик, јавноста е свесна дека и ние како Албанци со години се бориме да бидеме во Уставот не како 20 отсто. Не е време за хистерија, туку одлучко и одговорно како политичари да се однесуваме во овие клучни моменти“, изјави Елми Азири, пратеник од редовите на Алијанса за Албанците.

Од партијата се согласиле разговорите на работните групи да продолжат.

За ДУИ исто така предлогот е прифатлив, а од партијата соопштија дека македонскиот јазик е дефиниран и не е во опасност.

„Да водиме рационална дискусија а не дискусија базирана на лажни вести. Македонскиот јазик ќе биде во иста полобжа како францускиот и германскиот и ќе биде службен јазик во ЕУ и Унијата ќе комуницира со нас на македонски јазик како службен јазик. И ние имаме можност да имаме издвоено мислење околу јазикот како и Бугарија. Историските и културните прашња се на билатерално ниво согласно договорот. Македонскиoт јазик ќе биде официјален јазик во преговарачката рамка“, рече пратеникот Арбр Адеми.

Тој ги оцени како дезинформаци и лажни вести дека државата нема преговарарчка рамка и се повика на изјавите на повеќе европски лидери и дипломати, дел од нив кои беа во посета на Северна Македонија, дека има преговарачка рамка и нагласи дека тоа го потврдуваат документите.

XS
SM
MD
LG