Линкови за пристапност

Бугарско МНР: Северна Македонија да го потпише Протоколот, Бугарија ќе одобри старт на преговорите со ЕУ


Министерство за надворешни работи на Бугарија
Министерство за надворешни работи на Бугарија

На ред е Скопје, тврди бугарското МНР. Македонските власти децидни, протоколот не може да се потпише бидејќи не е усогласен и Протоколот не смее да влезе во преговарачката рамка, како што предвидува францускиот предлог на кој веќе му е кажано „НЕ“. Вчера бугарското Народно Собрание го прифати францускиот предлог со дополнение од четири нови услови и одобри Владатa во Софија да го крене ветото за старт на преговори за Северна Македонија. Бугарскиот претседател Радев повторно незадоволен – „можеше и подобро“


СКОПЈЕ /СОФИЈА - Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека Бугарија е подготвена го потпише Протоколот според член 12 од Договорот за добрососедство со Македонија и со тоа да ја одобри првата меѓувладина конференција за Северна Македонија со Европската Унија, веднаш штом македонските власти ќе го потпишат билатералниот протокол.

„На ред се одговорните фактори во нашата соседна земја да ја покажат, не со зборови, туку со дела, својата посветеност и желба за сопствената, и за онаа на регионот, европска иднина. Брзината со која Република Северна Македонија ќе пристапи кон членство во Европската Унија зависи од тоа и нема да одложи доколку земјата ги исполни обврските кон европските вредности и добрососедските односи“, соопштија од МНР на Р. Бугарија.

Бојан Маричиќ, Вицепремиер за европски прашања
Бојан Маричиќ, Вицепремиер за европски прашања

А ставот на Македонија, со кој е запознаена домашната јавност и Брисел, е дека на протоколот не му е место во преговарачката рамка бидејќи ќе ја оптовари со прашања и затоа не смее да влезе како услов во преговорите со ЕУ. Имено, рамката е патоказот по кој ќе се движат и течат преговорите со Унијата и постои голем ризик тие да бидат закочќени токму заради овој протокол.

Ние ќе ја потпишеме тогаш кога ќе биде договорена така како што мислиме дека треба да биде договорена и кога ќе сме сигурни дека ништо во тој Протокол не ги загрозува нашите интереси.
Бојан Маричиќ, Заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања

„Тоа е билатерално прашање. Тоа ние што ќе се договориме со Бугарија во рамиките на таков некој Протокол како што бил во 2019 година или сега некој нов, тоа е билатерална работа меѓу нас и Бугарија и ние во моментот кога ќе потпишеме значи дека сме се обврзале да ја имплеметираме. Ние ќе ја потпишеме тогаш кога ќе биде договорена така како што мислиме дека треба да биде договорена и кога ќе сме сигурни дека ништо во тој Протокол не ги загрозува нашите интереси. Тој Протокол не може да биде услов во преговорите ниту да биде спомнат во преговарачката рамка“, изјави вицепремиерот Маричиќ.

Вчера бугарското Народно Собрание го изгласа предлогот за прифаќање на францускиот предлог со дополнение од четири нови услови и дадоа овластување на Владата во Софија да го крене ветото за усвојување на преговарачката рамка за Северна Македонија а со тоа и Албанија.

Условите се:

1. Прецизирање на тексот од предлог заклучоците на Советот на ЕУ, така што ќе се гарантира впишувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, на исто ниво со другите државотворни народи.

2. Дополнување на Преговарачката рамка и предлог заклучоците на Советот на ЕУ со цел појасно отсликување на состојбата, дека ништо во процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ нема да биде протолкувано како признавање на постоењето на македонскиот јазик.

3. Вклучување на референца во Договорот за добрососедство од 2017 година и протоколите од заседанијата на мешовитата меѓувладина комисија во врска со одобрувањето на Советот на ЕУ за заедничките позиции за меѓувладините конференции помеѓу ЕУ и Северна Македонија.

4. Гаранции дека добрососедските односи остануваат постојан критериум во рамките на целиот процес за пристапување, за чие исполнување Европската комисија ќе го информира Советот на ЕУ пред одржувањето на секоја меѓувладина конференција.

Румен Радев, Претседател на Бугарија
Румен Радев, Претседател на Бугарија

Денеска бугарскиот претседател Румен Радев соопшти дека е незадоволен од одлуката на бугарското Собрание и додаде дека смета дека билатералниот протокол и францускиот предлог можеле да бидат уште подобри за Бугарија доколку бугарските дипломати работеле многу повеќе на тоа поле наместо да се обидуваат политиката на сега веќе екс премиерот Кирил Петков да ја стават во прифатлива рамка.

„Што се однесува до гаранцијата за културно историското наследство, учебниците, говорот на омраза кои се заштитуваат токму со двостраниот протокол, вчера пратениците гласаа во празно за нешто што повеќето од нив не можеа ни да се запознаат, а кое категорично не ги претставува неопходните механизми, рокови и критериуми за заштита и што ќе ги остави следните влади да водат во неплодни расправии со македонската страна“, изјави Радев.

Сега повторно се е во рацете на францускиото престедателство со Унијата и претседателот Емануел Макрон кој треба да изготви предлог во кој ќе се содржат барањата односно црвените линии на Северна Македонија и Бугарија а кој овој пат ќе биде прифатлив за двете страни.

XS
SM
MD
LG