Линкови за пристапност

Украина загрижена дека Западот наскоро би можел да претрпи „воен замор“


Како што руската инвазија на Украина влегува во четвртиот месец, украинските власти се повеќе се загрижени дека Западот наскоро би можел да претрпи „воен замор“.

Тие стравуваат дека Русија може да го искористи тоа за да ја притисне Украина на компромис, на што се спротивстави украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека Украина ќе ги следи сопствените услови за мир.

„Заморот расте, луѓето сакаат некаков резултат, а ние сакаме друг исход за себе“, рече тој.

„Очигледно е дека Русија е решена да го истроши Западот и сега ја гради својата стратегија врз претпоставката дека западните земји ќе се уморат и постепено ќе почнат да ја менуваат својата милитантна реторика во поприспособлива“, рече Володимир Фесенко, политички аналитичар во Пента Центар во интервју за Асошиетед прес.

Во меѓувреме, острата украинско-руска борба за контрола на Северодоњецк во источна Украина продолжи и денес.

Украинските власти ги зголемија своите повици за повеќе оружје, вклучително и ракетни системи и артилерија, од Запад.

„Ова сега е артилериска војна“, рече Вадим Скибицки, заменик-шеф на военото разузнавање на Украина, во интервју за британскиот весник „Гардијан“.

„Сега сè зависи од тоа што ни го дава Западот“, рече Скибицки. „Украина располага со едно артилериско парче на 10 до 15 руски артилериски парчиња. Нашите западни партнери ни дадоа околу 10 отсто од тоа што тие го имаат.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела рече дека САД ќе ѝ дадат на Украина напредни ракетни системи и муниција што ќе и овозможат попрецизно да ги погоди клучните руски цели.

Во есејот на Њујорк Тајмс на 31 мај, Бајден рече: „Нема да ја притискам украинската влада – приватно или јавно – да направи територијални отстапки“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече битката за Северодоњецк „една од најтешките“ во војната, истовремено истакнувајќи ја нејзината важност во клучниот источен регион Донбас, кој Русија се надева дека ќе го искористи откако не успеа на почетокот на својата три и пол месечна инвазија за соборување на неговата влада или да го освои главниот град Киев.

Украина исто така се обидува да ја зајакне својата позиција преку дипломатски напори.

Зеленски ја притиска Европската унија да ја стави Украина на пат кон членство, објави Асошиејтед прес. Во видео-обраќањето во петокот на Самитот за демократија во Копенхаген, тој рече дека ЕУ треба брзо да дејствува за да и понуди на Украина статус на кандидат да се приклучи на блокот од 27 нации.

Тој рече дека „сивата зона“ во која е оставена Украина ја поттикнала руската агресија. Тој ја повика ЕУ да покаже „дека нејзините зборови за украинскиот народ како дел од европското семејство не се шупливи гласови“.

Европската комисија треба да го поддржи статусот кандидат за ЕУ за Украина следната недела и покрај приговорите од Данска и Холандија, објави Блумберг во петокот, цитирајќи неименувани извори.

Информациите за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG