Линкови за пристапност

Уставниот суд на граница од кворум, се заканува уставна криза


Во ноември истекува мандат на уште еден уставен судија и доколку не се изврши избор и комплетирање на судиите, од декември Судот веќе нема да може да држи седници. Изборот на судии во Уставниот суд е закочен во Собранието со месеци
Во ноември истекува мандат на уште еден уставен судија и доколку не се изврши избор и комплетирање на судиите, од декември Судот веќе нема да може да држи седници. Изборот на судии во Уставниот суд е закочен во Собранието со месеци

СКОПЈЕ – Итен избор на судии за да се копмплетира составот побара претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, на денешната средба со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и спикерот Талат Џафери која таа ја иницираше.

Уставниот суд во моментов работи на граница со кворум бидејќи има само пет судии наместо предвидените девет. На четвроица судии им истече мандатот, а изборот на нови е заглавен во Собранието со месеци.

„Состојбата во Уставниот суд е сериозна бидејќи работи со четири судии помалку од колку што е предвидено со Уставот. На секоја седница има по еден до два предмета кои не добиваат мнозинство и се одолговлекуваат за неизвесен период. Со една третина помлаку од предвидените девет судии работи точно една година. Со ваква ситуација судот се соочува за првпат и граѓаните трпат штети бидејќи нивни предмети и иницијативи се одложуваат“, рече претседателката Кацарска.

Таа нагласи дека оваа состојба не е проблем само за функционирањето на Уставниот суд туку и за државата. Како пример наведе дека поради малиот број на судии не би можело да се констатира престанок на функција на претседателот на државата.

„ Да треба да се констатира престанок на функција на претседателот на државата или да се одземе имунитетот или пак да се избере претседател на Уставен суд ќе биде невозможно бидејќи за тоа се потребни шест уставни судии а во моментов во судот има пет. Апелирам Уставот да се почитува. Указот за прогласување на Преспанскиот договор и законот за јазиците нема да бидат ставени на седница се` додека не се изберат сите девет судии. За предмети со ваква тежина не може да расправаат само петмина судии“, нагласи Кацарска.

Во моментов покрај граѓанските иницијативи во Уставниот суд заглавени се Законот за социјална заштита, за јавно обвинителство, Закон за даноци и одлуки со кои се оспоруваат ДУП-ови.

Доколку до декември не се изврши избор на судии неизбежна е уставна криза бидејќи судот нема да може да одржува седници. Во номеври истекува мандат на уште еден судија.

„ Доколку до декември комплетно не се избреат судиите тогаш дефинитвно Уставниот суд е блокиран и влегуваме во уставна криза бидејќи судот со четворица судии не може да држи седници и да одлучува. Искрено се надевам дека нема да се донесеме во таква ситуација“, рече Кацарска.

Кацарска најави дека дека побарала воведување на Уставна тужба, откако судот ќе биде комплетиран, со цел граѓаните побрзо да дојдат до своите права наместо со години да чекаат одлуки од Судот во Стразбур. За таа цел се потребни измени во Уставот и проширување на членот 110.

Што точно кажале Пендаровски, Ковачевски и Џафери и дали дале евентуални гаранции и рокови за пополнување на судот и овозможување на непречено функционирање засега не е познато бидејќи по средбата не дадоа изјави.

Единствено се огласија од Кабиентот на претседателот.

„Претседателот Пендаровски ја истакна потребата за скорешно надминување на предизвиците во работата на Уставниот суд, посочувајќи дека во интерес на сите е Уставниот суд да работи во комплетен состав, со целосен капацитет и во соодветни технички услови“, стои во соопштението од Кабинетот.

Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број на судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии.

Предложени се девет кандидати. Пратениците од власта ги предложија републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложија шест кандидати: универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.

XS
SM
MD
LG