СКОПЈЕ – По 55 години минати како расколничка црква конечно почнува да се гледа крајот на патот кон автокефалноста на македонската црква. Пат кој свештенството, верниците и граѓаните го чекорат уште од основањето на МПЦ како наследник на Охридската Архиепископија. СПЦ ја одбри и ја благослови автокефалноста на МПЦ – ОА и ќе достави барање до Вселенската патријаршија за давање на томос на МПЦ – ОА.
Веста дека СПЦ застанува заедно со македонската црква во борба за автокефалност ја соопшти денеска, на заедничката литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, поглаварот на СПЦ, Патријархот г.г. Порфириј.
Во своето обраќање тој кажа дека пред нашите очи се случува чудо и дека ние сите сме дел од тоа чудо како и дека на двете литургии, и на оваа во Скопје и на онаа во храмот Свети Сава во Белград видел многу љубов во очите на верниците.
За дваесетина дена во храмот на Вселенската патријаршија, во Истанбул, Архиепископот г.г. Стефан и Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј ќе одржат заедничко сослужување по кое и официјално ќе ни биде врачен актот за признавање на каноничноста на македонската православна црква.
„А сега браќа и сестри дојдовме овде и да донесен уште една радост.Светиот архиерејски сабор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на МПЦ – ОА, Соборот на Црквата го благословува и го одобрува барањето за автокефалност“, рече г.г. Порфириј, Партијарх на СПЦ
Архипеископот г.г. Стефан пак во своето обраќање кажа дека по литургијата во Белград гласно се слушна воздишката на олеснување на предците и на сите верници. Поглаварот нагласи дека на патот и во борбата за автокефалност македонската црква никогаш не се тргнала од патот Божји и единствената цел била слободно да си ја извршуваат мисијата меѓу народот.
„Овој денешен свет ден е и бањата Витезда, зашто ни пристапи човек – таткото на православните, Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, кој нè спушти во водата, бидејќи не 38, туку 55 години седевме чекајќи во тремот и не наоѓајќи некој да се погрижи за нас! Потоа ни пристапи и друг човек, нашиот собрат и денешен сослужител, да нè пресретне здрави и исцелени и срдечно да нè прегрне – и да нè испрати при првосвештеникот за да го потврди нашето исцеление, како што слепиот беше пратен во бањата Силоам“, кажа поглаварот на МПЦ – ОА, Архиепископот г.г. Стефан.
Обраќањата на двајцата поглавари беа проследени со долготрајни аплаузи од верниците присутни во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.
Сега на ред се техничко организациските детали околу самото барање кои ќе ги работат заедно двете цркви односно Синодот на македонската и Саборот на српската. Временски рок засега не се открива.
„И ќе следи свеченото прогласување на официјален акт, а потоа сите помесни православни цркви ќе бидат известени и ќе бидат повикани да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА“, рече патријархот г.г.Порфириј.
А радоста беше голема и кај верниците присутни на литургијата кои дојдоа од повеќе краишта на државата.Без исклучок сите изјавија дека очекувале да ја чујат оваа радосна вест на денешната литургија.
На денешната литургија Архиепископот г.г. Стефан соопшти и дека Вселенската Патријаршија го прифатила барањето на македонската црква за заедничко сослужување на големиот христијански празник Педесетница и тоа во храмот на Патријаршијата во Истанбул.
„Еве, и во навечерието на ова торжество на љубовта, ни пристигна уште една радост – блага вест од Царицата на градовите – Константиновиот град: примено е нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена – па на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар. Тогаш, Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј ќе ни го врачи актот за официјално прифаќање на нашата каноничност и за сослужување со сите Помесни православни цркви.
Рекации по одлуката на СПЦ пристигнаа од државно политичкиот врв.
Претседателот Стево Пендаровски, порача дека со одлукатра на СПЦ се исправаат историските неправди.
„ Ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед, која следи по одлуката на Вселенската Патријаршија за прием на нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење. Одлуката на Српската православна црква ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија. Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“, соти во пораката на претседателот Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски одобрувањето на автокефалноста го оцени како историски чин
„ Се радуваме заедно со сите православни христијани во нашата земја на историската вест со која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија се стекнува со автокефалност. Оваа со векови очекувана вест е соопштена денеска на заедничката служба со Српската православна црква, на која патријархот Порфириј соопшти дека одлуката МПЦ-ОА да биде прифатена како автокефална црква ќе биде предложена пред Вселенската патријаршија со препорака таа да биде прифатена од сите православни цркви“, порача премиерот Ковачевски.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, преку социјалната мрежа „Фејсбук“ порача дека мора да се продолжи да се чекори обединето.
„Нашата црква мора да е обединета, нашиот Синод, свештеството, исто како што мора да биде обединет и нашиот народ, и тогаш сите искушенија, бури и премрежја ќе бидат премостливи. Да продолжиме да чекориме обединето. Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г.г. Стефан, за градењето на мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови“, напиша Мицкоски.
Сега веќе откако веќе нема никакви пречки прашањето кое се поставува е кога а не дали барањето ќе биде доставено до Вселенската патријаршија и дали е можно на заедничкото сослужување, на празникот Педесетница, покрај актот за каноничноста да биде предаден и томосот за автокефалност.
Facebook Forum