Линкови за пристапност

Верски аналитичари: Последната одлука на Саборот на СПЦ, не е во корист на МПЦ


Последната одлука на Саборот на СПЦ со која МПЦ ја враќа како автономна црква во рамките на СПЦ е поразителна за МПЦ-ОА, вели за Глас на Америка, верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски. Од неа пракитчно произлегува дека МПЦ се враќа во автономна положба во рамките на СПЦ.

„Со таа одлука од 1959-та година, МПЦ остана во „канонско единство“ со српскиот патријарх, што укажува дека не е целосна самостојност. Точно е дека во 1959-та година, Уставот на СПЦ престана да важи за нашите архиереји и епископи, но тоа сепак беше одредена самостојност, но во суштина широка автономија што за нас не е цел и не беше желбата на македонскиот народ. Сега, ние се враќаме во таа позиција и од тоа произлегува дека сето она што сме го направиле подоцна, како на пример, прогласувањето на автокефалноста во 1967-ма година е ништовно, се поништува со ова. А, тоа не смее да се дозволи ниту тоа било кој во Синодот на МПЦ смее да го направи“, вели Ѓорѓевски.

Ако се продолжи со преговорање од оваа позиција на автономсна црква ние никогаш нема да дојдеме до автокефалност, додава Ѓорѓевски.

„СПЦ пишува дека за тоа ќе решавааат сите 14 православни цркви, како за статусот така и за името ќе се решава. Македонските владици треба да кажат што е вистина. Ако ова не е вистина, и ако не продолжи процес на оваа основа, тогаш постапката ќе се води пред Вселенската патријаршија која се јавува како судска инстанца и која е расположена да го реши нашето барање за автокефалност. Вака како што е објавена воопшто не е во корист на МПЦ“, вели верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски.

Професорот Цане Мојаноски, инаку добар познавач на црковните прилики вели дека соопшетнието на Саборот на Српската православна црква создава бројни недоумици. Ако ја набљудуваме одлуката на СПЦ, тогаш таа на прв поглед, значи неколку чекори назад, додава професорот.

„Одлуката на саборот на Српската православна црква дека „се воспоставува полно литургиско и канонско општење, може да се набљудува како решение кое создава основи за остварување на 55 годишните обиди за добивање автокефален статус. Но, тоа што збунува е делот од ставот „го поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно полна внатрешна самостојност, доделен уште во 1959 година“. Дали тоа значи враќање назад за 63 години? Дали, ако МПЦ-ОА не се согласела со одлука од 1959 година, ќе имало основи да се воспостави „полно литургиско и канонско општење“? Дали, во нијансирањето на ваквите одлуки се користени искуствата од милениумското искуство на Вселенската патријаршија во решавањето на споровите, посебно на црковните ерархии кои биле прогласувани за неканонски? Веројатно за тоа можат да постојат бројни одговори, нагаѓања и претпоставки“, вели Мојаноски.

Професорот вели дека преку црковните дијалози силно се испреплетени световните интереси, кои на јавна сцена се судрени како концепти на Константинополската и Московската патријаршија. Според него прашањето на автокефалниот статус, може да добие нов заплет, чие решение тешко може да се предвиди.

„Нашето политичко искуство како држава покажува дека ниту едно прашање, па ниту ова црковното, не се решава едноставно и добронамерно. Позади секое од отворените прашања постојат бројни фортификациски препреки, бројни световни интереси, кои настанале во друго време, но и денес се актуелни, а одделни субјекти сметаат дека сега им е времето истите да се остварат“, вели Мојаноски.

Тоа што јавноста во Северна Македонија вели Мојаноски очекуваше да го слушне и види во одлуката на Саборот на СПЦ, не се случи.

„Односно, тој не констатира дека епархиите во Македонија од 1991 година политички се омеѓиле во самостојна црква и бара од Вселенскиот Патријарх да издаде томос за новоформираната црква. Како што српската држава не може да ги решава и да донесува одлуки за македонските граѓани, затоа што постои македонската држава, така и СПЦ, нема право да ги уредува прашањата со живот на православните верници во Македонија. Очекувам дека по оваа одлука ќе се интензивираат контактите со Вселенската патријаршија и нашата црковна ерархија непосредно ќе општи со Патријархот г.г. Вартоломеј, дека низ дијалогот со него, но и со СПЦ ќе се изнајде, согласно милениумската православна традиција искуство и решение со кои ќе бидат задоволени и очекувањата на македонските верници, на нивната Македонска православна црква – Охридска архиепископија, но и на Српската православна црква како помесна црква која пред новонастанатата политичка состојба вршела црковна јурисдикција на ова подрачје. Ако се анализара ставот на СПЦ „дијалогот за идниот и евентуално конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен, туку е и целосходен, легитимен и реален“, упатува на тоа дека автокефалниот статус е можен, туку е и целосходен, легитимен и реален. Овде дилемата е дека тој временски е неограничен. Тој колку што е можен, во услови какви што ги имавме со СПЦ, толку е и неможен“, вели Мојаноски.

Тој се надева дека сите преземени чекори од македонската страна, се во согласност со изразената желба да и се помогне на Македонската православна црква – Охридска архиепископија да ја оствари својата цел, да добие автокефален статус, и дека преземените чекори имаат тактички, а не стратегиски карактер.

Во одлуката на СПЦ од неколку точки меѓу другото се вели:

„Добивајќи го актот од Светиот архијерејски синод на „Македонската православна црква-Охридска архиепископија“, со кој истата го прифаќа општопризнатиот канонски статус доделен во 1959 година од страна на Светиот архијерејски собор на Српската православна црква и со кој изразува надеж дека Српската православна црква братољубиво ќе го решава и ќе го реши и прашањето на нејзиниот конечен статус, по што треба да следува сеправославна согласност и прифаќање на тој статус“.

„Со благодарност кон Господ и со радост, Соборот го поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија односно целосна внатрешна самостојност доделен уште во 1959-та година“.

„Во дијалогот за нивниот иден и евентуално конечен канонски статус, Српската православна црква ќе се раководи само и исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пастирските принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитичките“, „геополитичките“, „црковнополитичките“ и други слични состојби или за еднострани иницијативи и не подлегнувајќи под ничие влијание и притисок“.

„По решавањето на статусот, Соборот нема намера да ја условува новата сестринска црква со ограничувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и дијаспората, со препорака да го реши прашањето за своето официјално име во непосреден братски дијалог со хеленофонските и останатите помесни православни цркви“.

Глас на Америка се обиде да добие став од портаролот на МПЦ, Митрополитот Дебарско-кичевски, Владиката Тимотеј, но тој не одговараше на нашите повици.Во меѓувреме Руската правславна црква ја поздравила одлуката на СПЦ, да го обнови канонското општење со МПЦ-ОА. Заменик-претседателот на Одделот за надворешни меѓународни односи на Московската патријаршија, протоереј Николај Балашов, рекол дека тоа претставува „надминување на половина век стариот црковен раскол“, пренесе државната агенција МИА.

XS
SM
MD
LG