Линкови за пристапност

Американските законодавци ќе гласаат за 33 милијарди долари воена и хуманитарна помош за Украина


Постои можност американските законодавци во вторник да гласаат за нацрт-законот со кој се одобрува најмалку 33 милијарди долари воена и хуманитарна помош за Украина.

Пред можното гласање во Претставничкиот дом, претседателот Џо Бајден рече дека неговата администрација „речиси ги исцрпила“ неговите овластувања да испраќа оружје и друга воена опрема од залихите на Пентагон.

Државниот секретар Антони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин упатија сличен апел во писмо до пратениците, барајќи од нив да дејствуваат пред 19-ти мај.

Бајден во понеделникот потпиша посебна легислатива што му дава ново овластување да ја забрза испораката на воена опрема за Украина според програмата моделирана по законот од Втората светска војна која првично им помагаше на европските земји кои се борат против нацистичка Германија.

Новата мерка му дава на лидерот на САД овластување да постигне брзи договори со Украина, како и со другите источноевропски земји за испорака на опрема, заобиколувајќи некои од сегашните бирократски правила на Вашингтон.

Иако реткост за политички поделениот Вашингтон, Конгресот со големо мнозинство го усвои законот минатиот месец како континуирано покажување поддршка за владата во Киев во борбата против руските сили.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќањето доцна во понеделникот рече дека историјата ќе ја смета Русија одговорна за нејзините постапки во Украина и дека Европа треба да ја земе предвид цената што Русија треба да ја плати „за повторното носење војна на просторите во Европа“.

„И ние, Украинците, ќе продолжиме да работиме за нашата одбрана, нашата победа и за враќање на правдата. Денес, утре и кој било друг ден што е неопходен за ослободување на Украина од окупаторите“, рече Зеленски.

Шефот на набљудувачката мисија на ОН за човекови права во Украина, Матилда Богнер, изјави за новинарите во вторникот дека нејзината канцеларија потврдила повеќе од 7.000 повредени цивили, вклучително и 3.381 смртни случаи, откако Русија го започна нападот врз Украина, и дека вистинската бројка е далеку. поголема.

„Работевме на проценки, но сè што можам да кажам засега е дека тоа се илјадници повеќе жртви од моменталната бројка“, рече Богнер на брифинг со новинарите во Женева, на прашање за вкупниот број загинати и повредени. „Голема црна дупка е навистина Мариупол, каде ни беше тешко целосно да пристапиме и да добиеме целосно потврдени информации“, рече Богнер.

Богнер рече дека ОН добиле извештаи за 300 незаконски убиства во Буча, предградие на Киев, каде што руските сили се обвинети за злосторствата.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, денес престојуваше во ненајавена посета на Украина, која вклучуваше и посета на Буча.

Баербок е најновата меѓународна личност која замина во Украина за да покаже поддршка и да добие од прва рака поглед на ситуацијата во земјата. Првата дама на САД Џил Бајден и канадскиот премиер Џастин Трудо во неделата остварија одделни посети на Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот ги обвини западните нации за неговата инвазија на Украина, велејќи дека Русија дејствувала како одговор на „апсолутно неприфатлива закана до нашите граници“.

Но, Путин не објави никаква промена во воената кампања, ниту прогласи победа, сугерирајќи дека неговата 10-неделна офанзива ќе продолжи со напади врз украинските упоришта во источниот дел на земјата, откако Русија не успеа да го собори Зеленски или да го заземе главниот град Киев.

Путин се обрати на воената парада на Црвениот плоштад на прославата на Денот на победата во чест на поразот врз Германија во Втората светска војна. Тој зборуваше за барањата на Русија за безбедносни гаранции, кои Русија ги направи во месеците пред нејзината инвазија на 24-ти февруари, иако постојано инсистираше дека нема планови да го нападне својот сосед.

Некои информации се од Асошиејтед Прес, Агенцијата Франс Прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG