Линкови за пристапност

Македонски старт ап компании развиваат вештачка интелигенција во своите производи


Бројот на стартапи во земјава кои развиваат вештачка интелигенција во своите производи засега се брои на прсти, иако нејзиниот подем во светски рамки е во последната декада. Но иднина има, бидејќи развојот на економијата е во новото и модерно претприемништво, кое користи напредна технологија. Веќе постојат успешни примери за тоа.

„Ние од Финк ап, користиме вештачка интелигенција, која автоматски креира портфолија за инвестирање на луѓето. Но, вештачката интелигенција може да се користи на многу други места. Се што го прави човек, таа може да го направи десет пати подобро и поефикасно. Македонија е на прав пат, но треба поголема поддршка и од институциите но и од едукативните центри“, вели Диме Галапчев- основач на старт ап компанија Финк ап.

„Во Македонија имаме неколку решенија кои што ја ставаат во функција вештачката интелигенција, за решавање на проблемите на бизнис секторот. И, исто така за помагање на секојдневниот Македонец“, вели Игор Маџов- претседател на Старт ап Македонија.

Вештачката интелигенција го автоматизира процесот и успева да скрати време и ресурси. Еве како Галапчев тоа го објаснува.

„Не сакаш да копаш темел на куќа со лопата, сакаш да користиш багер. Истото е и ова во дигиталната технологија. Не сакаме да ги правиме на старите стандардни работи, сакаме да ги подобриме и забрзаме процесите, за да си го подобриме квалитетот на живот“, вели Галапчев.

На првиот старт ап викенд кој неодамна се одржа во Охрид, беа претставени неколку решенија кои во себе користат и напредна технологија. На едно место се собраа педесетина учесници, кои својата бизнис идеја, со помош на ментори, ја преточија во потенцијален старт ап производ.

„Со нашава идеја ние сакаме на секој поединец, да му наметнеме како навика доволна, за да почне да се грижи за своето здравје. Ќе биде апликација со која ние сами ќе си водиме евиденција за нашето здравје“, вели Маргарита Апостолова.

„Сакаме да направиме производ, односно платформа, каде што децата и останатите луѓе кои се гејмери, можат да направат пари додека играат игри. Тоа е нешто чудно и што не постои кај нас се уште. Но тоа е овозможено од блокчејн и крипто технологијата“, вели Стефан Савевски.

Велат дека својата иднина не ја гледаат надвор од државата, туку во неа.

„Мислам дека имаме тука доволно опции и ресурси, кои не се толку се искористени“, вели Апостолова.

„Очекувам тоа да биде поттик за младите да можат да останат во Македонија и да може да креираат бизниси“, вели Благица Ефтимова- Старт ап Македонија.

Многу млади луѓе се вратиле во земјава и продолжиле со развој на старт апи, кои своите решенија сега ги нудат во странство.

„Користат таленти и ресурси од земјава. Имаме старт апи кои работат со Тесла и со Гугл. Креираат решенија за нив, но исто така и понудуваат решенија кои им конкурираат“, вели Маџов.

А, што е потребно за да еден старт ап производ биде успешен.

„Треба да понудат што е можно понови технологии, да бидат мулти платформски. Најбитно од се е да имаат бизнис модел, зад самата технологија, кој што ќе креира бизнис и старт ап, кој има скалабилност, односно можност да расте“, додава Маџов.

Нешто повеќе од 150 македонски старт ап компании во моментот креираат решенија за локалниот и глобален пазар.

XS
SM
MD
LG