Линкови за пристапност

Покачувањето на минималната плата за власта е историски чекор, за граѓаните тие пари не се доволни


Минимална плата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:18 0:00

Порастот на минималната плата на 18.000 денари се случува во време на зголемување и на трошоците за живот, кои според пресметките на Државниот завод за статистика во јануари годинава се за 6,7 отсто поголеми во однос на истиот период лани, додека цените на мало пораснале за 7,3 отсто.

Премиерот Димитар Ковачевски последното зголемување на минималната плата го нарече историски исчекор. Но, според Сојузот на синдикати ова било повеќе од потребно.

„Не гледам тука никаква победа. Гледам една основана потреба за работникот да егзистира и да го гради ова општество, бидејќи секој добро платен работник е задоволен и продуктивен работник“, рече Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Според Благица Петрески од Институтот за економски истражувања и политики, Фајненс тинк, тоа позитивно ќе се одрази врз животниот стандард, особено кај оние работници кои што имаат најниски примања и кои што се најсилно погодени од кризата.

„И, на ваков начин очекувањата се дека тие ќе може полесно да ги издржат ваквите удари од кризата“, вели таа.

Но, граѓаните сметаат дека 300 евра не се доволни да се истурка месецот, а не пак да се размислува за нешто повеќе.

„Мислам дека тие се многу малку пари за овој скап живот што го имаме. Тешко да се распоредат за цел месец“, вели еден граѓанин.

„Тешко на тој што живее со 18.000 денари. Барем платите да не бидат под 500 евра. Да се чувствува човек покомотно, да се чувствува како рамноправен граѓанин“, вели еден граѓанин.

Благица Петрески предупредува на ризиците врз централниот буџет, ако се знае дека порастот на минималната плата е подржан со субвенции од државата.

„Тоа упатува дека компаниите немаат капацитет да ги издржат новите покачувања или дека продуктивноста не е на тоа ниво. Тоа ги остава отворени прашањата во која мера ќе бидат реализирани ризиците кои што се во делот на деформализација и во делот на притисок на централниот буџет, заради дополнителните субвенции“, вели таа.

Од ССМ велат дека се залагаат и за скалесто зголемување на сите останати плати, како во јавниот така и во приватниот сектор, но и за понатамошно зголемување на минималната плата.

„Велиме дека истата не може да биде 57 отсто помала од просечната плата. Тоа значи дека доколку расте просечната плата треба да расте и минималната плата. И, сметаме дека методологијата ќе се применува, како дел од измените и дополнувањето на Законот за минимална плата“, велат од ССМ.

Иако цените на некои од основните прехранбени производи се замрзнати, според Сојузот на синдикати, минималната синдикална кошничка сега изнесува 35.811 денари. Со повеќе од 15.000 денари најголемо учество имаат трошоците за храна и пијалоци.

XS
SM
MD
LG