Линкови за пристапност

Говорот на владиката Агатангел е отворено и директно мешање во политиката, велат аналитичари


Отворено и директно мешање во политиката. Вака верски аналитичари го оценуваат последниот говор на владиката Агатангел

„Јас длабоко од душата и срцето верувам дека нашиот претседател на најголемата и најсвета партија ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се она што го дадовме и верувам дека ќе го вратиме назад. Прво со него, а потоа и со божја помош. И, нема да дозволиме некој кој не ја чувствува Македонија да ја одредува судбината на нашата македонска земја“, рече Митрополитот на Повардарска епархија Агатангел.

Со овој свој говор кој владиката Агатангел го имаше на одбележувањето на празникот Свети Трифун, тој направи сериозен истап со кој се наруши уставниот принцип на секуларноста во државата, вели за Глас на Америка, новинарот и верски аналитичар, Бранко Ѓорѓевски.

„Тоа е отворено и директно мешање во политиката, фаворизирање на една политичка партија, искажување на партиска определеност на еден црковен великодостоинственик, правење на поделба меѓу граѓаните врз основа на партиска определба. Мислам дека досега не сме имале вакви примери на искажување на партиски определби кај еден црковен достоинственик кој употреби и тешки метафори за другите партии“, рече Ѓорѓевски.

Професорот Цане Мојаноски вели дека владиката Агатангел во повеќе наврати се јавува со изјави кои се нетипични за претставници на една црковна организација.

„Јас апсолутно сум на гледиште дека станува збор за поведение кое има лични карактеристики и ги искажува личните амбиции на митрополитот, а не станува збор за став на МПЦ, која по одделни прашања пројавува понекогаш иницијатива. Но таа непосредно не се произнела во контекстот на содржините за кои зборуваше митрополитот како потреба од враќање на се што и е одземено на Македонија, што е апсолутно еден вербален став кој што е многу тешко да се операционализира и е повеќе политички памфлет“, вели Мојаноски.

Ѓорѓевски, пак, вели дека ова не е прв пат верските достоинственици да ги кажуваат своите ставови за најважни прашања во државата, но оти треба да се внимава на вокабуларот кој при тоа се употребува.

Потсетува дека во 2017-та година Светиот Синод на МПЦ отворено и со официјално соопштение го поддржа Договорот за добрососедство со Бугарија.

„На верските достоинственици, не им е страно мешање во политика. Тие на свој начин праќаат симпатии кон партиите и политичарите со што самите се дискредитираат во очите на јавноста. Сме имале присуство на верски достоинственици и на партиски конгреси, на собири и што беше индикативно но не беше и недозволиво“, вели Ѓорѓевски.

Професорот Мојаноски пак очекува реакција од Синодот на МПЦ.

„Треба да очекуваме согласно начинот на кој тие ги уредуваат односите, Синодот и другите тела на МПЦ, да имаат соодветен однос кон неговата изјава, да се дистанцираат, да не ја прифатат, да ја определат како личен став и да побараат од црковните великодостојници, да се трудат да го обединуваат македонскиот и христијанскиот свет“, рече Мојаноски.верски аналитичари го оценуваат последниот говор на владиката Агатангел

XS
SM
MD
LG