Линкови за пристапност

Нема договор за минимална плата, преговорите продолжуваат во петок


Сојузот на синдикати, Владата и Организацијата на работодавачи на денешната средба не ги надминаа разликите и не го договорија зголемувањето на минмалната плата на 18 илјади денари. Преставниците на Сојузот на синдикати револтирани затоа што работодавачите во „пет до 12“ побарале да се смени методологијата за пресметка на минималната плата

СКОПЈЕ - По три часа преговори повторно без договор околу зголемубвањето на минималната плата. Седницата на економско социјалнот совет заврши неуспешно откако според претсавниците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), претставниците на Организацијата на работодавачите излегла со нов предлог, како што велат во „5 до 12“ , околу методологијата при пресметката на минималната плата.

Преговорите продолжуваат во петок, а на 10 февруари измените на Законот за минимална плата се на дневен ред на собраниската седница.

Од ССМ соопштија дека ќе присуствуваат на петочната средба и дека најавите за генерален штрајк доколку не се прифати нивното барање - минималната плата да изнесува 18 илјади денари остануваат. Тие сметаат дека нивните барања се издржани и потврдени со анализи и ги обвинија претсавниците на Орагнизацијата на работодавачи дека го минираат процесот и преговорите.

„Се преговараше три саати и кога преовладаа аргументите на страната на ССМ и на останатите синдикати работодавачите во „5 до 12“ излегоа со свој предлог. Аргументите беа на наша страна ја убедивме Владата како социјален партнер дека минимална плата навистина треба да биде 60 проценти од просечната плата, но, Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) само сака да купи време до петок со измислено предлог решение. Штрајкувачките одбори остануваат ние во петок имаме закажано органи и тела на Сојузот. Ќе дојдеме и во 16 часот во петок и ќе им соопштиме дека доколку не се одобри ова што го бараме ние стапуваме во генерален штрајк“, изјави престедателот на ССМ, Дарко Димовски.

Вицепремиерот за економски прашња, Фатмир Битиќи, по средбата изјави дека на средбата имало два предлози, едниот на ССМ другиот на Организацијата на работодавачи и тврдеше дека покачување на минималната плата сигурно ќе има но висината ќе треба да се утврди.

„Ги уверувам сите граѓани кои се во категоријата на приматели на минимална плата, дека наскоро ќе имаат консензус околу нивните покачени минимални плати. Но, кажавме дека единствен начин како да се стигне до достоинствена плата за нашите работници, е креирање на систем кој е долгорочен и нема да ги остави на волјата на една Влада, кога таа ќе сака или ќе има слух или на различните страни како што се синдикатите или организациите на работодавачи“, изјави Битиќи.

Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајковска појасни дека предложиле критериумите по однос на одредување на минималната плата да претрпат измени.

„Очекуваме предлог и од Владата дали ќе бидат прифатени нашите идеи. Имавме некоку идеи, истите дали ќе бидат прифатени или не. Синдикатот имаше нивни идеи. Очекуваме компромис помеѓу сите три чинители, рече таа додавајќи дека решението треба да е соодветно на сегашната состојба во економијата. Ваквите разговори се единствениот начин како може да се дојде до решение“, рече Трајковска.

Според законските измени, кои на 10 ќе се најдат пред пратениците на гласање, висината на минималната плата не смее да биде пониска од 60 проценти од просечната исплатена нето-плата во последните три објавени месеци, согласно со податоците објавени од Државниот завод за статистика. Предлог-измените се во согласност со барањата на Сојузот на синдикати на Македонија, кој лани поднесе иницијатива до Собранието за измени на Законот за минимална плата.
Вицепремиерот Битиќи соопшти дека владеачкото мнозинство ќе ги поддржи измените само ако има консензус меѓу социјалните партнери ССМ и Организацијата на работодавачи.

XS
SM
MD
LG