Официјална Софија, нема така лесно да се откаже од блокадата за почеток на преговорите на земјава со ЕУ, поради нејзините цврсти позиции во однос на македонското прашање, вели за Глас на Америка, поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев. „Така што ќе биде многу тешко и јас сум песимист во поглед на роковите. Очекувам дека тој процес ќе трае многу подолго. Можеби ќе продолжи во 2022, 2023 година, затоа што се работи за есенцијални работи, се работи за суштествени работи, за европски вредности, државотворност, идентитет, јазик, национални малцинства. Тоа се работи кои не можат да се решаваат со отстапки, компромиси. Едноставно, за тие работи не се разговара“.
Сепак во најавите за посета на новиот бугарски премиер, Кирил Петков, на земјава, Ѓорчев гледа надеж, дека може да има прогрес во преговорите, земајќи ги во предвид неговите изјави за проширување на сферите на разговори меѓу двете страни.
„Во насока на воочување на тоа што е добро, на тоа што е позитивно, кое може да го надградиме, а тоа што влече назад и тоа што не спречува, да можеме да го изолираме и да го ставиме или адакта или во понатамошен процес на решавање на проблемите“, поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев.
За решавање на отворените прашања помеѓу двете држави, дијалогот треба да се води на рамноправно ниво, а одлуките да се носат врз основа на реципроцитет, а не асиметрично, вели Дејан Ѓоршоски, македонски претставник во Брисел за време на визната либерализација и иницијатор на договорот за бесплатен роаминг - „Од друга страна отворените прашања, како историјата, да се водат во еден паралелен процес, надвор од пристапните проговори и без нереални временски рокови, како што се шестте месеци предложени од Бугарија“.
За актуелната ситуација, Ѓоршоски вината ја гледа и во ЕУ.
„И самата ЕУ, сноси една голема одговорност, што дозволи ветото на Бугарија, вакво какво што е, да опстои до сега. И треба да започне со големи напори за посредување во решавањето. Што се однесува до тајмингот за одржување на првата Меѓувладина конференција се сомневам на било каква одлука на краток рок, затоа што прво постои бокадата на Бугарија, но и поради незаинтересираноста на Унијата за проширување“.
Инаку од последната средба на на Консултативниот совет за национална безбедност кај бугарскиот претседателот Румен Радев, произлегоа седум препораки до извршаната и законодавната власт во Софија. Една од нив, е онаа во која стои дека „Давањето согласност за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, не треба да биде врзано со рокови, туку со постигнување реални резултати, вклучително и во однос на правата на македонските Бугари“.