Претседателот на Казахстан во телевизиско обраќање денеска рече дека ги овластил безбедносните сили на земјата да „пукаат без предупредување“, бидејќи се обидува да стави крај на антивладините протести.
Претседателот Касим-Жомарт Токаев рече дека е „глупаво“ да се преговара со демонстрантите кои тој ги опиша како „криминалци и убијци“.
Казахстанскиот лидер рече дека руските мировни трупи се во земјата на негово барање на привремена основа за да се обезбеди безбедност.
Претходно, претседателот во изјавата рече дека уставниот поредок во голема мера е обновен по еднонеделните немири во централноазиската земја.
„Локалните власти ја контролираат ситуацијата. Но, терористите се уште користат оружје и го оштетуваат имотот на граѓаните. Затоа, антитерористичките акции треба да продолжат се додека милитантите не бидат целосно елиминирани“, се вели во изјавата на претседателот.
Ројтерс објави дека истрели се’ уште се слушаат во Алмати, најголемиот град во земјата.
Казахстанското Министерство за внатрешни работи во петокот соопшти дека 26 „вооружени криминалци“ се „ликвидирани“, додека повеќе од 3.000 се приведени. Министерството, исто така, соопшти дека 18 полицајци и припадници на националната гарда биле убиени од почетокот на протестите.
Демонстрациите започнаа кон крајот на минатата недела во западниот дел на земјата во знак на протест поради удвојувањето на цените на горивата. Но, бидејќи тие се проширија низ целата земја толку брзо и станаа толку големи, некои политички набљудувачи сугерираат дека тие го одразуваат поширокото незадоволство во земјата која живее под авторитаризам од стекнувањето независност од Советскиот Сојуз во 1991-ва година.
Бидејќи казахстанските безбедносни сили ја изгубија контролата врз ситуацијата, казахстанскиот претседател Токаев побара руска воена интервенција според условите на таканаречените договори за колективна безбедност што постојат меѓу неколку поранешни советски земји.
Кога војниците предводени од Русија почнаа да пристигнуваат во Казахстан во четвртокот, САД ги предупредија да не преземаат контрола над казахстанските институции.
„САД и светот ќе внимава на секое кршење на човековите права“, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
„Се надеваме дека владата на Казахстан наскоро ќе може да се справи со проблемите кои се фундаментално економски и политички по природа“, додаде Прајс, велејќи дека САД се „партнер“ на централноазиската нација.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен разговараше во четвртокот со министерот за надворешни работи на Казахстан Мухтар Тилеуберди во врска со тековната вонредна состојба, се вели во изјавата на портпаролот на Стејт департментот Прајс. Блинкен ја повтори целосната поддршка на САД за „уставните институции на Казахстан и слободата на медиумите и се залагаше за мирно решавање на кризата со почитување на правата“, рече Прајс.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.
Facebook Forum