Покрај за широката детска публика истата е наменета и за деца со оштетен слух, објаснува за Гласот на Америка, режисерот Јован Ристовски.
„И со тоа правиме еден импакт, кој веќе се случи на премиерата на 29 октомври и на репризите, каде и децата кои немаат оштетен слух, кои слушаат, ја учеа азбуката на знаковен јазик во интеракција со актерите на сцената. Така да направивме од хуман аспект, освен уметнички многу големо дело, бидејќи самите деца и нивните родители не комуницираат кои не прашуваат за знаковната азбука“ вели Јован Ристовски, режисер на претставата.
За актерите ова бил голем професионален предизвик. На совладување на знаковниот јазик работеле повеќе од три недели.
„Секако дека тоа е еден нов свет кој што се отвори пред нас. Првично се запознававме со светот на луѓето кои имаат проблем со слушниот и говорниот апарат ,а потоа заедно со професорката Сузана, ги учевме знаците“ изјави Маја Андоновска - Илијевски, актерка во Битолски народен театар.
За Маја, непроценливо било чувството да се игра пред овие дечиња. Првата претстава ја имале пред учениците од Заводот за деца со оштетен слух Кочо Рацин од Битола.
„Нивното поимање на нештата било, некој што слуша сака да го научи нашиот јазик, за да може ние да комуницираме и да гледаме нешто и да ги разбереме итн. Таа емоција кај сите нас како екипа, роди големи чувства. Радоста и моментите кои ги споделивме после самата премиера се нешта на кои јас ќе се сеќавам додека сум жива“ вели Маја Андоновска – Илијевски.
Се надеваат дека со ова ќе дадат свој придонес за поголема инкузивност во општеството за лицата со попреченост и запознавање со нивните реални потреби
„Иницијативата на целата претстава е со надеж дека Министерството за култура и Владата на нашата земја да прави редовен репертоар за знаковен јазик, за деца со оштетен слух во Битола и во Скопје бидејќи сите глувонеми деца од Македонија, учат во Битола, од предучилишна и училишна возраст, а единственото средно образование се наоѓа во Скопје“ вели Ристовски.
Плановите на Ристовски се во блиска иднина да биде реализирана и претстава на знаковен јазик за возрасната популација на лицата со оштетен слух. Претставата е дел од АТО, центарот за современа уметност и култура од Битола.