Со нетрпение очекувам да ги унапредам виталните интереси на Америка и да го поддржам авганистанскиот народ.Томас Вест, американски претставник за Авганистан
Специјалниот претставник на Соединетите Држави за Авганистан во понеделникот го започна своето прво патување во Европа и Азија за да разговара за случувањата во јужноазиската земја, каде на речиси 23 милиони луѓе, вклучително и деца, им се заканува глад.
Првата станица на амбасадорот Томас Вест ќе биде Брисел каде неговите разговори со сојузниците и партнерите ќе се фокусираат на патот напред за Авганистан.
„Со нетрпение очекувам да ги унапредам виталните интереси на Америка и да го поддржам авганистанскиот народ“, напиша Вест на Твитер пред патувањето. „Меѓународната заедница мора да дејствува заедно за да биде ефикасна“, нагласи американскиот претставник.
Обединетите Нации предупредија дека повеќе од половина од проценетото 40-милионско население на Авганистан најверојатно ќе остане гладно оваа зима, освен ако не се обезбедат повеќе средства од донаторите. Светската програма за храна во понеделникот рече дека трошоците за гориво се зголемени, цените на храната се зголемуваат, ѓубривата се поскапи и сето тоа придонесува за актуелната авганистанска криза.
Враќањето на власт на исламистичките Талибанци во Авганистан минатиот август, по повлекувањето на странските трупи предводени од САД, ја втурна земјата во економска криза и ги зголеми авганистанските хуманитарни потреби на невидени нивоа, кои произлегуваат од годините на војна и продолжената широко распространета суша.
Меѓународната заедница одби да и додели дипломатско признавање на талибанската влада главно поради загриженоста за човековите права под владеењето на исламистичкото движење.
Отсуството на легитимитет доведе до суспензија на неколку милијарди долари годишна странска помош за Кабул и го блокираше пристапот на Талибанците до околу 10 милијарди американски долари авганистански средства, главно чувани во Федералните резерви на САД. Санкциите им го отежнаа на Талибанците плаќањето плати или увозот на основните добра.
Аналитичарите велат дека Вашингтон и другите западни влади имаат малку добри опции во Авганистан: тие можат или да се обидат да соработуваат со Талибанците, и всушност да се договараат со власти кои ги кршат човековите права, или да ја гледаат влошената криза од далеку и да видат пропаѓање на она што беше направено во изминатите 20 години.
Советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливан, во интервју за Си-Ен-Ен емитувано во неделата, истакна дека Вашингтон останува најголемиот хуманитарен донатор за Авганистан и обезбедил речиси половина милијарда долари финансирање само оваа година.
Советникот го бранеше потпирањето на хуманитарни организации, тврдејќи дека администрацијата на Бајден „сè уште не е во позиција да може директно да обезбеди пари“ преку раководството на Талибанците во Авганистан.
„Сметаме дека тоа е најдобриот начин да се помогне на народот во Авганистан без да се создаде околност во која некои од тие средства би можеле да се искористат за цели што се проблематични за националните безбедносни интереси на Соединетите Држави“, рече Саливан.
„Додека не видиме значително подобрен пристап кон сè, од инклузивна влада до други елементи за кои редовно разговараме со Талибанците, нашиот фокус, нашиот акцент ќе продолжи да биде на обезбедување финансирање во стотици милиони долари само оваа година и да се мобилизира остатокот од меѓународната заедница преку меѓународни организации и невладини организации“, додаде тој.
Во неделата, Талибанците назначија 43 провинциски гувернери и полициски началници во обид да го зацврстат своето владеење.
Исламистичката група формираше привремена влада во Кабул во септември, но глобалната заедница ги притиска Талибанците да воспостават влада која ќе ги претставува сите Авганистанци, вклучително и жените и малцинствата.
Талибанците ги отфрлија критиките насочени кон нивната влада и постојано ја уверуваат глобалната заедница дека ќе ги заштитат човековите права на сите Авганистанци, вклучително и жените и малцинствата. Исламистичката група побара дипломатско признавање и одмрзнување на авганистанските средства во странство за да може да спречи економски колапс и да обезбеди итна помош за оние на кои им е потребна.