СКОПЈЕ – Дали и колку ќе поскапи струјата по 1 јануари е прашањето кое се почесто го поставуваат граѓаните откако државата се соочува со криза во енергетскиот сектор и производството на електрична енергија. Надлежните смируваат, до Нова година домаќинствата нема да плаќаат повисоки сметки а во јануари не би требало да има големи ценовни шокови.Но колку ќе се плаќа веќе од јануари никој не може да предвиди и затоа допрва се прават анализи.
Министерот за економија Крешник Бектешки најави дека се прават сите напори ЕСМ да го извади максимумот од капацитетите за производство на електрична енергија и со тоа барем делумно да ја стабилизра состојбата.
„Моменталната производна цена на електричната енергија на ЕСМ е 36 евра за мегават и ќе направиме напори тоа да остане така. Веќе се преземаат соодветни мерки од страна на раководството на ЕСМ да се зголеми производството во РЕК Битола и во РЕК Осломеј и убеден сум дека до крајот на годината речиси ќе се дуплираат капацитетите на ЕСМ во делот на производството од страна на термоелектраните“, изјави Бектеши.
Како одговор на ценовниот шок на струјата на европските и светските берзи, во тек е постапка за увоз на јаглен со кој ќе се отвори уште едн блок во РЕК Битола како и РЕК Осломеј за да се задоволи побарувачката на домаќинствата во пресрет на зимата и грејната сезона.
Во игра е и рестартирање на ТЕЦ Неготино која веќе 10 години не е активна. Термолекратаната работи на мазут, почнати се подготовките и има доволно гориво за старт, а може да се стави во функција за 48 часа. Според проценките на раководството производството на струја од ТЕЦ Неготино по мегават час во овие моменти би изнесувало около 170 до 180 евра, поради цената на нафтата на светските берзи. Оваа можност не ја исклучи ниту претседателот на Регулаторната комисија (РКЕ), Марко Бислимовски,кој нагласи дека услов за цената на нафтата на светските берзи.
Колку ќе поскапи струјата за домаќинствата во јануари нема одговор ниту Бислимовски, кој ги отфрли како шпекулации тврдењата на дел од експертската јавноста дека тоа може да биде и до 50 отсто.
„Најодговорно тврдам дека цената на електричната енергија нема да се зголеми за 50 проценти, а никој во моментов не знае колку ќе се зголеми. Оперативните трошоци, амортизација и поврат на капитал се работи кои веќе се определени на Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија и на МЕПСО за пренос. Тоа не може да се смени. Може да има притисок врз трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите. МЕПСО и Електродистрибуција треба да распишат тендери и ќе видиме кои цени ќе се понудат. Ако цените се превисоки на располагање ни е концептот преку ЕСМ за набавкана јаглен или доколку има потреба да се вклучи ТЕЦ Неготино“, изјави Бислимовски.
Ако домаќинствата се безбедни, барем до Нова Година, бизнис секторот се соочува со сериозни проблеми како со цената на електричната енергија така и со набавката преку слободниот пазар и приватните снабдувачи. Стопстанствениците ќе мора да издржат до декември кога ЕСМ ќе почне со интервентното производство на струја која ќе се продава на фирмите но сепак по цена повисока од онаа за домаќинствата.
Во моментов стопанствениците се соочуват со неисполнување или откажување на договорите за снабдување со струја со фирмите од слободниот пазар па затоа од Стопанската комора побараа Регулаторната комисија да напарви листа на фирми кои може да ги исполнат обврските од договорите.
Зголемувањето на цената за набавка на електричната енергија го продолжи домино ефектот на раскинување на договори меѓу приватните снабдувачи и државни институции и бизнис секторот.
Министерството за одбрана, Народната Банка, Град Скопје, ТИРЗ, Опера и Балет иДрамскиот театар ги раскинаа или им беа раскинати договорите со приватните фирми снабдувачи на електрична енергија бидејќи не ги исполниле обврските предвидени во склучените тендери или пак се обиделе да им ја покачат цената спротивно на договорите.
Кризата во електроенергетскиот сектор ги покажа сите слабости на системот во Македонија. Регулаторната комисија го испитува работењето на осум приватни фирми, снабдувачи со електрична енергија, кои се соочуваат со одземање на лиценците за работа.
Тоа се: „Мист Енерџи“, „У пауер“, Вангард“ „Енерџи он“, Енерџи уинд“, „Солар Про“ , „Енерџи Актив“ и „Енергиа Гас енд Пауер“. А постапките се отворени бидејќи фирмите на своја рака ги раскинувале договорите со корисници не можејќи да ја испорачаат договорената количина на струја или пак поради енормно користење на балансната енергија од МЕПСО.
А корисници се приватниот и бизнис секторот но и голем број на државни институции. Според достапните податоци, четири од осумте фирми, како свои корисници имаат неколку стотини државни институции. Министерството труд и социјала, УЈП, агенции, болници, општини, судови и голем број на училишта се со договор со фирмите кои може да останат без лиценца за работа.
Доколку тоа се случи, тие ќе мора да склучат нов договор, со нов снабдувач по цена повисока од онаа што веќе била договорена поради моменталаната цента на енергијата на берзите што е далеку повисока од онаа во првичните договори