Дваесеттина експлозии кои се случија поради активирањето на неексплодирани гранати и други убојни средства од Првата светска војна и Балканските војни, го отежнуваа гаснењето на пожарот неодамна на планината Галичица кај Охрид. Делувањето како од земја, така и од воздух со помош на армиските хеликоптери, беше повеќе од ризично, па се чекаше поволен момент за тоа.
„Многу често ги среќаваме. Има многу такви неексплодирани гранати кои се распостранети на целата наша планина. Секако дека гранатите се опасни. Неколку пати ние имаме пријавено. Сме нашле по неколку гранати, кои биле блиску до пристапен пат“ вели Антонио Додевски, Планинско - спасителна служба од Охрид.
Одовде поминувал т.н. јужен фронт, за кој се претпоставува дека зад себе оставил големи количини на вакви гранати.
Од Националниот парк Галичица, велат дека најдобро е планината да се исчисти. Сепак ќе биде тешко тоа да се направи во целост.
„Значи ако не се исчистиле тогаш, сега нивното чистење е потешко. Бидејќи е огромна површината на која има. Од границата со Албанија, па внатре во територијата на Република Македонија. Значи територијата на која има неексплодирани експлозивни средства е исклучително голема. Тоа е површина од неколку илјади хектари“ вели Андон Бојаџи, Јавна установа „Национален парк Галичица“.
Добар дел од нив се наоѓале на повисоките делови од планината и на непристапни терени. Покриени се и со вегетација.
„Јас разговарав и со професионалци од Дирекцијата за заштита и спасување. Според нивните проценки, би требало сите деминери кои ги имаме во Македонија, да работат секојдневно,40 години, со надеж дека тогаш ќе може да дискутираме за чиста територија“ вели Антонио Додевски, Планинско - спасителна служба од Охрид.
Слична ситуација имаше и за време на големиот пожар кој ја зафати планината во 2007 година. Тогаш бројот на експлозии беше многу поголем.
„Тие се таму 105 години. Гранатите се опасност за тие што го гаснат пожарот, но за среќа досега немало ниеден несреќен случај“ вели Андон Бојаџи, Јавна установа „Национален парк Галичица“.
И покрај ова, последните години се поголем е бројот на љубители на планина кои ја посетуваат Галичица. Апелите се луѓето кога ќе наидат на ваква направа, да не ја допираат туку само да ја заобиколат.
„Но секое придвижување нивно може да предизвика експлозија, бидејќи тие се внатре херметнички затворени и барутното полнење и самата запалка се се уште исправни и активни и може во секој момент да се активира“ вели Антонио Додевски, Планинско - спасителна служба од Охрид.
А, пиротехничари од дирекцијата за заштита и спасување веќе, отпочнаа акција за нивно уништување, на опожарениот дел на Галичица.
„Истите ќе бидат уништени на лице место. Тука е безбедно и нема население и нема објекти. Ова ќе биде почеток на една од акциите кои се планирани. Пиротехничарите ќе остават и некои симболи дека тука е расчистено“ вели Сафит Зекири, Дирекција за заштита и спасување.
Засега никој не може да каже, колкава е бројката на вакви неексплодирани гранати на Галичица.