Линкови за пристапност

Османи ја коригира оценката – „не се охрабрувачки вестите што доаѓаат од Софија“


Ваквата изјава следи по развојот на настаните во Бугарија, каде политичката ситуација се комплицира и станува извесно дека најверојатно ќе има нови парламентарни избори

Песимизмот го заменува оптимизмот во македонската дипломатија дека е можно решавање на спорот со Бугарија за време на техничката влада во Софија. Министерот за надворешни работи, кој до скоро сметаше дека има опција преодното раководство во Бугарија да се одважи и да направи исчекор, сега ја коригира оценката – „не се охрабрувачки вестите што доаѓаат од Софија“, вели Бујар Османи. Ваквата изјава следи по развојот на настаните во Бугарија, каде политичката ситуација се комплицира и станува извесно дека најверојатно ќе има нови парламентарни избори.

„Јас цело време бев на ставот дека политичка влада не е неопходна за да се донесе одлука за започнување на преговори, бидејќи политичката одлука за истата е веќе донесена. Донесена е во март 2020-та година со согласност и на Република Бугарија. И првата меѓувладина конференција требаше да биде само техничко исполнување на една политичка одлука и оттука се надевав дека може и техничка влада да ја донесе односно службена влада да ја донесе таа одлука. Меѓутоа очигледно тоа се покажа како неможно дека сепак ситуацијата во Бугарија е до тој степен да одлуката не може да се донесе без да се формираат институциите. Така да, сигурно дека овие вести коишто доаѓаат од таму не се охрабрувачки по однос на прашањето“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Сепак, комуникацијата меѓу двете земји продолжила и во изминатиот период - експерти од двете министерства разговарале за прашањата кои биле отворени на последниот состанок во Софија и презентирани како можност за утврдување на патоказ за надминување на разликите. Скопје останува посветено на процесот, уверува Османи.

„Ние сме спремни да продолжиме со разговорот, продолжуваме со реформите внатре во делот на европската интеграција и сме во очекување на предвидливост во Бугарија за да можат да продолжат политичките разговори. Сметам дека технички постои можност да се надмине разликата и во услови на техничка влада. Пред нас е Самитот на ЕУ на 6-ти октомври во рамки на словенечкото претседателство, како една исклучителна можност да се круниса успехот и да се даде сериозна порака кон Западен Балкан дека овој пат перспективата се враќа на својот колосек, меѓутоа, сепак сме во очекување на тоа што се случува во Бугарија“, додаде Османи.

Од април Бугарија на два пати спроведе парламентарни избори по кои ниту една од партиите и коалициите не успеа да формира влада. На повидок се трети избори наесен и нова неизвесност за исходот од кој зависи и подготвеноста на Софија да разговара за прашањата со чие решавање го условува напредокот на Северна Македонија во евроинтегративниот процес.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG