Линкови за пристапност

Потврден четвртиот случај на заразен со индиската мутација на коронавирусот


Уште четворица пациенти се суспектни на овој сој и во моментов се вршат испитувања. Сите заразени не биле вакцинирани. Комисијата за заразни болести повторно ќе се состане, не се исклучува воведување на тестови при влез во државата поради ширење на мутацијата во соседството

СКОПЈЕ – Здравствените власти го потврдија четвртиот случај на пациент заболен од индиската мутација на коронавирусот т.н. „Делта сој“. Станува збор за 43 годишен велешанец кој веќе една недела е хоспитализиран но е со лесна клиничка слика. Тој пред две недели се вратил од Англија каде, властите се сомневаат, дека се заразил од оваа мутација. Пациентот не бил вакциниран како и останатите заболени од оваа мутација.

Од досега потврдените четири случаи на заболени од индиската мутација, еден е во лоша здравствена состојба и е приклучен на респиратор, а тројца се стабилни и со многу поблаги симптоми. Тие немале меѓусебен контакт и сеуште се утврдува кога и каде се заразиле.

„Во повеќе од 100 земји веќе е регистриран овој сој, кај нас досега имаше потврдени три случаи. Во текот на вчерашниот ден потврден е уште еден случај, тоа е еден пациент којшто се лекува во болницата во Велес и има лесна клиничка слика, а чекаме резултати за уште четворица пациенти и ќе ги имаме денеска. Тие се лекуваат тука во Скопје и само еден од четворицата е во потешка клиничка форма, на респираторна машина, а другите се со стабилна клиничка слика“, изјави министерот Венко Филипче.

Она што загрижува е фактот што уште во моментов се проверуваат тестовите на уште четворица пациенти за кои постои сомневање дека исто така се заболени од т.н. „Делта сој“.

„Скринингот, кој се прави на тестовите во Институтот за јавно здравје и лабораторијата на МАНУ, ја исклучува британската варијанта на вирусот. Што значи, секаде каде што ќе се покаже дека не е британската варијанта, се прави секвенционирање за да се потврди присуство на индискиот сој“, објасни Филипче.

До крајот на неделава Комисијата за заразни болести повторно ќе се состане и ќе одлучува за евентуално воведување на задолжителни ПЦР тестови при влез во државата. На вчерашнот состанок Комисијата ја оцени здравствената состојба како стабилна и одлучи да не препорача никакви рестриктивни мерки вклучувајќи го и задолжителното тестирање.

„Ова прашање се постави за време на вчерашниот состанок на Комисијата и ќе го евалуираме во текот на оваа недела. До крајот на оваа недела, најкасно почеток на следната недела ќе заземе став. Грција е единствената земја во регионот која бара ПЦР тестови, потврди за вакцинација и единствената земја во која има пораст на случаи. Значи дека мора да бидеме внимателни кога ги носиме мерките за да вистински служат и да штитат таму каде што треба“, рече Филипче и најави дека денес и утре ќе разговара со колегите од државите во регионот за да се создаде поорганизиран пристап во однос на ширењето на делата сојот .

Епидемиолозите се на став дека задолжително тестирање на влез во државата мора да има исто како и масовна вакцинација на населението за да се спречи ширењето на индиската мутација која ја очекуваат да пристигне наесен.

Во последните 24 часа регистрирани се 16 новозаболени што е најголема броја во зимитативе десетина дена а во моентов како активни се водат 241 случаи. Од почетокот на епидемијата битката со вирусот ја загубија 5.486 лица. Според официјалните податоци на министерството за здравство досега се вакцинирани 380.624 граѓани од кои 232.595 ја примиле и втората доза.

Според досегашните испитувања на глобално ниво индиската мутација е многу поинфективен и секој заболен со „Делта вирус“ ќе зарази околу пет до осум други а штом ќе се појави во некој регион,оваа мутација станува доминантна. Оваа мутација предизвикува и до 85 отсто повеќе хоспитализации кај невакцинираното население но е помалку смртоносна.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG