Дигиталната транзиција, развојот на иновациите, кибернетската безбедност и регулирањето на вештачката интелигенција ќе бидат меѓу приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ кое започнува на 1 јули.
Ова беше истакнато на онлајн панел дискусија организирана од невладината Германски маршалов план во САД на која учествуваа министерот за јавна администрација на Словенија, државниот секретар за дигитална транзиција на Португалија, како и Каран Батиа, потпретседател за јавни политики на Гугл.
Португалија, како досегашен претседавач на ЕУ, се фокусираше на забрзување на дигиталната транзиција како мотор за економски развој, истакна државниот секретар Андре де Арагао Азеведо. Тој додаде и дека останува стремежот земјите – членки на ЕУ да издвојуваат 3% од БДП за истражување и развој до 2030-та година.
Словенечкиот министер за јавна администрација, Боштјан Коритник, истакна дека главна цел на нивното претседателство ќе биде постпандемиското заздравување на европската економија преку дигиталната и зелена транзиција.
„Цврсто веруваме дека дигитализацијата треба да им го олесни животот на граѓаните и да го подобри квалитетот на јавните услуги“, рече Коритник на виртуелната сесија. „Нашата цел е да ја забрзаме дигиталната трансформација. Затоа, ние мора да ги искористиме сите можности за развој што ги нуди технологијата за да го подобриме квалитетот на животот на нашите граѓани", додаде тој.
Како клучен аспект на дигиталната трансформација беше истакнат и развојот на вештачката интелигенција. Првиот меѓународен истражувачки центар на УНЕСКО за вештачка интелигенција е основан во Словенија, во Љубљана.
„Вештачката интелигенција нуди голем потенцијал во здравството, транспортот, енергетиката, земјоделство, туризмот и кибернетската безбедност“ рече Коритник.
Во тек е уредување на оваа проблематика на ниво на Европската Унија преку таканаречен акт за вештачка интелигенција кој ќе формира општа рамка за натамошно регулирање, формално ќе ја дефинира вештачката интелигенција и ќе ги ограничи ризиците што ги носи нејзината поширока употреба.