Според новите информации базирани на големо клиничко испитување во кое се вклучени над 30 илјади учесници во САД, двете дози од вакцината се ефикасни 76% во спречување на симптоматски инфекции со корона вирусот.
Најновите бројки се различни од претходно објавените во понеделникот според кои ефикасноста беше 79%. Само неколку часа откако беше објавено ова американската агенција за надзор, Борд за мониторинг на безбедноста на податоците, соопшти дека АстраЗенека „можеби користела застарени информации“ од клиничкото испитување „кои можеби даваат некомплетен поглед на податоците за ефикасноста.“
Соопштението од овој независен борд на експерти е најнов проблем за вакцината на Оксфорд и АстраЗенека. Неколку европски земји неодамна престанаа да ја користат поради извештаи дека таа е поврзана со згрутчување на крвта кај оние кои ја примиле. Јужна Африка престана да ја користи поради загриженост за ефикасноста против локалната варијанта на вирусот. Оваа земја и продаде најмалку милион дози од оваа вакцина на Африканската Унија.
Сепак, Европската агенција за лекови, телото кое одобрува медикаменти во Европската Унија, вели дека вакцината е безбедна и не го зголемува ризикот од згрутчување на крвта.
Канадската федерална здравствена агенција објави дека ги менува пакувањата на вакцината и на нив ќе стои информација за „многу ретки случаи на згрутчување на крвта“ но и натаму смета дека вакцината е безбедна и ефикасна против Ковид-19.
Светската Здравствена Организација ја препорачува употребата на оваа вакцина и смета дека користа од вакцината е поголема од ризиците при нејзиното користење.
Вакцината на Оксфорд и АстраЗенека е прв избор во земјите во развој бидејќи е евтина и едноставна за транспорт и чување.