Линкови за пристапност

Охрид: Огромен хотел на местото на некогашниот ресторан „Парк“


Во последниот извештајот на УНЕСКО се бара Охридскиот регион да се најде на црната листа под негова заштита, но тоа никако не значи и губење на овој статус.

На само 50 метри од брегот на Охридското Езеро, во заштитената зона, ќе никне нов хотелски објект. Истиот ќе се гради на површина од 4.525 метри квадратни, на местото на некогашниот ресторан Парк, кој деновиве беше срушен.

Новиот хотел, предвидено е да биде на три ката со приземје и поткровје. Сето ова предизвика големи реакции во јавноста, бидејќи се смета дека токму овој објект, бил типичен по својата архитектура и препознатливост, па граѓанското движење Охрид СОС, побара истиот да биде прогласен за културно наследство.

За ова репрезентативно архитектонско дело, неговиот креатор, охридскиот архитект, Павел Балабан во 1989 година е награден на Биеналето на македонската архитектура, затоа што со својата форма, дизајн, габарит и функција, внимателно создавал симбиоза меѓу природното и вештачкото, односно, Охридското Езеро и околината со автентичната и уникатна охридска архитектура од 20-от век.

Градоначалникот на Охрид, Константин Ѓеорѓиески, уште на почетокот на март, рече дека од правен и документациски аспект нема ништо спорно и оти тој потег се наоѓал во т.н. трета де зона, во која било дозволено изградба на објекти со таков габарит.

Сепак, владата на 57-та седница, донесе заклучок со кој ѝ се укажува на Општина Охрид да превенира градежни работи на оваа локација, се до утврдување на фактичката состојба од страна на стручната комисија на Министерството за транспорт и врски, која ќе изврши увид во процесот на издавање и спроведување на одобрението за градење на локацијата.

Институциите имаа цел еден месец да постапат навремено и да го превенираат ова што сега се случува
Драгана Велковска, Охрид СОС

Од Охрид СОС, велат дека станува збор за задоцента реакција од страна на надлежните, бидејки објектот е веќе урнат.

„Институциите имаа цел еден месец да постапат навремено и да го превенираат ова што сега се случува“, вели Драгана Велковска од Охрид СОС.

Правосилно одобрение за градба за овој објект, било издадено во 2018 година, пред носењето на планот за управување со Охридскиот регион во февруари 2020 година.

Од Владата информираат дека од Општина Охрид било побарано, во рок од два дена да достави информација за важноста на одобрението за градба на локацијата.

Ова се случува во време, кога е повеќе од очигледно дека регионот на Охрид, може да се најде на листата на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО, поради неисполнување на бројните забелешки уште од 2017 година, помеѓу кои е прашањето за нелегалните градби, односно масовната и неконтролирана урбанизација покрај самото крајбрежје. Граѓанските активисти велат дека токму случајот „Парк“, може да биде силен удар за статусот на Охридскиот регион и уште едно алиби за УНЕСКО, да донесе таква одлука.

„Ова ќе биде уште еден силен удар. Во извештајот на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО (2017) стои: Урбанизација со низок квалитет влијае на крајбрежниот пејзаж. Овој дел на брегот веќе не изгледа природен, туку источкан со помали и поголеми градби, а лошиот архитектонски квалитет во и надвор од урбаните средини е закана за визуелните квалитети на доброто и закана по неговиот интегритет. Високите згради или било какви згради блиску до водата имаат големо визуелно влијание наштетувајќи му на интегритетот на доброто“, изјави за Гласот на Америка, Драгана Велковска од граѓанската иницијатива Охрид СОС.

Ова само покажува дека локалните самоуправи на општините Охрид и Струга немаат доволно капацитет да препознаат и да се справат со неконторлираната урбанизација
Глигорие Ќатоски, граѓанската иницијатива „Доста е“

„Ова само покажува дека локалните самоуправи на општините Охрид и Струга немаат доволно капацитет да препознаат и да се справат со неконторлираната урбанизација. Заштитеното подрачје на УНЕСКО опфаќа делови од општините Охрид, Струга и Дебрца како културно, историско и природно богатство“, вели Глигорие Ќатоски, од граѓанската иницијатива „Доста е“.

Ќатоски додава дека после се што се случува, регионот заслужува да се најде на црната листа на УНЕСКО.

„Доколку се земат во предвид неконтролираната урбанизација, немањето на современ систем за управување со отпад, големиот број на нелегални (диви депонии) од една страна и пасивноста на централната власт од друга страна тогаш мислам дека сосема заслужено треба да бидеме ставени во списокот на загрозени подрачја на УНЕСКО. Ова и поради простиот факт дека ова подрачје е навистина на терен загрозено“, изјави Ќатоски.

Ставање на Охрид на листа за региони во опасност воопшто не е таква трагедија, каква што е претставена во јавноста.
Константин Ѓеорѓиески, градоначалник на Охрид

Градоначалникот на Охрид, Константин Ѓеорѓиски на 27 јануари 2021 година, по средбата со ЕУ Амбасадорот во Северна Македонија рече дека нема да биде трагедија ако Охрид се најде на листата на региони во опасност.

„Ставање на Охрид на листа (за региони) во опасност воопшто не е таква трагедија, каква што е претставена во јавноста. Доколку се случи тоа, ние треба да ги дуплираме нашите напори и како локална самоуправа и како држава, да направиме план, сите препораки кои што се да ги имплементираме. Тоа ќе го решава УНЕСКО на сесија“, рече Ѓеорѓиески.

Владата со одлучни чекори за спас на Охридскиот регион зашто неговите природни убавини се привилегија, а културното наследство е аманет
Ирена Стефоска, mинистерка за култура

Министерката за култура, Ирена Стефоска на својот ФБ профил, напиша:

„Владата со одлучни чекори за спас на Охридскиот регион зашто неговите природни убавини се привилегија, а културното наследство е аманет“, напиша Стефоска.

Токму Стефоска минатата недела најави дека пред владата ќе иницира да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на општините Охрид и Струга, бидејќи како што рече, очигледно е дека општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО.

Инаку во Охрид, според официјалниот регистар на општината има 1.076 дивоградби, од кои 409 се во заштитениот појас на Охридското Езеро, Националниот парк Галичица и стариот дел на градот. Само мал дел од истите се отстранети, а локалната власт најавува дека акцијата за отстранување на бесправните градби ќе продолжи во текот на месец април.

Со заклучок на Владата им се укажува на општините Охрид, Струга и Дебарца до донесувањето на новите урбанистички планови кои ќе бидат усогласени со Планот за управување, изградбата на објекти или преземање мерки на непосредна заштита со кои непосредно или посредно се нарушува интегритетот на културното наследство на Охридскиот регион задолжително да се врши со издавање на заштитно-конзерваторски услови и задолжително да се постапува според насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

Регионот околу Охридското езеро за природно наследство под заштита на УНЕСКО е прогласено во 1979 година, а за културно во 1980 година.

XS
SM
MD
LG