Научниците кои се обидуваат да го утврдат потеклото на корона вирусот и да најдат начини како да спречат појава на нова пандемија велат дека се повеќе докази укажуваат дека потрагата треба да се прошири и надвор од Кина, во Југоисточна Азија.
Откако првиот потврден случај на Ковид-19 го стави Вухан на светската мапа во декември 2019-та, научниците кои го бараат потеклото на вирусот беа насочени кон Кина.
Најблискиот роднина на вирус кој предизвикува Ковид-19, кој има 96% ист геном, е друг корона вирус кои беше пронајден на почетокот на минатата година во јужната кинеска провинција Јунан.
Но, новите истражувања открија повеќе вируси кои се речиси исто слични со SARS-CoV-2 во Тајланд и во Камбоџа.
Виролозите кои неодамна беа во Вухан преку Светската Здравствена Организација (СЗО) велат дека следната фаза од анализите треба да ја додаде и Југоисточна Азија.
Нивниот совет е да се следат лилјаците. Некои видови се познати резервоари за вирусите од семејството на корона.
Научниците веќе идентификуваа повеќе од 100 корона вируси поврзани со SARS-CoV-2 кај лилјаци низ Кина, вели Петер Дажак, виролог кој беше дел од тимот на СЗО.
„Но, не сме истражиле доволно во Мијанмар, Лаос и Виетнам за да можеме навистина да кажеме дека нема и други во овие земји“ изјави тој за Гласот на Америка.
„Кога ќе погледнете на мапата каде живеат оние лилјаци кои се носители на овие вируси, ќе видите дека државите на јужната кинеска граница имаат уште поразновидна популација на лилјаци а со тоа и на вируси. Оттука, можеби потеклото навистина било во провинцијата Јунан, но моја претпоставка е дека треба да погледнеме и кон Мијанмар, Лаос, Виетнам и дури и појужно во целиот регион на Југоисточна Азија“ додава тој.
Кина одбива да ги даде сировите податоци за најраните пациенти со Ковид-19, но и покрај ова, цели Дажак, кинеските научници и делегацијата од СЗО се согласија дека SARS-CoV-2 најверојатно стигнал до човекот од лилјаците преку друго животно како посредник.
На почетокот од минатата година научниците од Кина и од Австралија соопштија дека нашле вируси кои се над 90% слични на SARS-CoV-2 кај панголини, животни кои поради нивното месо често се шверцуваат во јужна Кина од Југоисточна Азија.
Неколку месеци подоцна научниците открија вируси слични на SARS-CoV-2 кај лилјаци од Камбоџа. Тие тогаш соопштија дека „ова укажува дека вирусите поврзани со SARS-CoV-2 имаат многу поширока географска распространетост отколку што претходно се мислеше.“
Минатиот месец научници во Тајланд пронајдоа вируси слични на SARS-CoV-2 кај колонија на лилјаци недалеку од Бангкок, како и антитела кои се ефикасни против SARS-CoV-2 во прошверцуван панголин откриен на југот на земјата, близу Малезија.