Линкови за пристапност

Расте бројката на заболени од Ковид -19, над две илјади за една недела


Официјално нема потврда на нови случаи на британскиот сој на Ковид-19. Два Ковид центри на скопските клините се затворени, модуларната болница засега нема да се става во функција.Од Ковакс системот најавија 40 илјади вакцини на „АстраЗенека“ во текот на идниот месец

СКОПЈЕ - По речиси еден месец пад на бројките, кривата на заболени од Ковид-19 повторно се исправи. Над две илајди нови случаи на заболени од коронавирус се регистрирани минатата недела што е за речиси 18 отсто повеќе од претходната недела, покажува анализата на Инситутот за јавно здравје (ИЈЗ), објавена денеска. Бројката на починати, но и на оздравени се намалува а процентот на позтивни тестови е непроменет.

Во 33 града низ државата надлежните регистрираа 2.036 заболениа најголем број се во Скопје - 943. Минатата недела најголем скок на заболени имало во Демир Капија.

Повторно најмногу заболени има во најризичната категорија - граѓани над 60 годишна возраст.

„Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 со 540 случаи или 26,5%. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 години - 368 или 18,1%, од 50 до 59 години - 365 лица или 17,9% и во групата од30 до 39 години каде има 374 случаи или18,4%“ стои во анализата на ИЈЗ.

Најголем број на заболени има во Скопје, кое е и најголемото жариште на вируот во државата. Гледано по општини критично е во Аеродром каде има 566 активни случаи, во Кисела Вода - 543, во Гази Баба - 541, во Центар - 514 иво Карпош каде во моментов има 512 заболени. По Скопје е Охрид со 350 заболени апотоа следува Куманово со 312 и Кавадарци со 274 активни случаи.

Осумнаесет градови во Северна Македонија минатата недела беа завиени во црно а битката со вирусот ја загубија 64 пациенти. Иако тоа е благо намалување, вкупната бројка на починати минатиот месец е 356 пациенти или во просек по единаесет дневно. Од почетокот на епидемијата починаа вкупно 2.873 лица.

„Според место на живеење или повремен престој, случаи на Ковид-19 се регистрирани во 35 градови низ државата. Најголем дел регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп, Гостивар, Штип, Битола и Велес додека највисок морталитет се регистрира во Прилеп, Струга, Охрид и Крушево. Највисок леталитет се регистрира во Крушево и Струга“, информираат од ИЈЗ.

Голем пад има и во бројката на одзравени. Во периодот од 25 до 31 јануари 2.977 лица кои беа хоспитазлирани или пак се лекуваа во домашни услови се водат како оздравени што е за дури 41 отсто помалку од претходната недела.

Процентот на позитивни тестови варира но просекот е 14 отсто, што е речиси идентично со претходниот период.

„ Во последното деноноќие се регистрирани 407 новозаболени а седум пациенти починаа. Направени се 2.540 тестирања а процентот на позитивни тестови е 16 отсто“, соопштија од Министерството за здравство.

Она што е клучно во моментот е да се утврди колку е раширен британскиот сој на коронавирусот низ државата. Досега се потврдени три случаи од кои еден заврши фатално. Тројцата заболени не ја напуштиле државата што потврдува дека трансмисијата е локална и дека во државата има и други заболени од оваа мутација. Надлежните се соменваат дека токму овој сој на Ковид-19 го десеткуваше медицинскиот персонал на Клиниката за нефрологија каде за само два дена кај 29 здравствени работници се појавија симптоми а тестирањето покажа дека се заболени. Тие повторно беа тестирани а брисевите се дадени во лабораторијата на МАНУ каде ќе се направи секвенционирање кое треба да потврди дали тие се заболени од британскиот сој на Ковид -19. Заболени лекари и медицински сестри има на Инфективната клиника.

Во лаборатијата на МАНУ, по случаен избор сега се прави секвенционирање и на позитивни тестови од сите градови во државата за да се утврди дали освен во Скопје и Охрид има други случаи заболени од мутацијата.

Во моментов има над 7.767 активни случаи а хоспитализирани се 584 пациенти. Притисокот врз здравствениот систем полека попушти и во Ковид центрите и на Инфективните одделенија во болниците во Скопје и во внатрешноста има над 500 слободни кревети.

Надлежните сметаат дека ситуацијата е под контрола и продолжуваат со затворањето на Ковид центрите на Клиниките во Скопје. Засега не се планира ставање во функција на модуларната болница поставена до Инфективната клиника.

„Поради се помалиот број на хоспитализации минатата недела се затворија ковид центрите на Клиниката за уво, нос и грло и на Клиниката за очни болести. Кон крајот на неделата се затворија и центрите на Клиниката за нефрологија и на Клиниката за гастроентерохепатологија. Како се намалува број така се намалуваат капацитети. Модуларната е затворена затоа што бројот на пациенти кои бараат хоспитализиација ги пополнува постоечките капацитети во зградата на инфективната клиника. Во моментов во Скопје има 7 ковид центри во кои се згрижени пациенти и има слободни кревети. Во моментов не постои потреба од отварање на дополнителни ковид болници“, одговорија од здравство за Гласот на Америка на македонски јазик.

Ризикот од повторно влошување на состојбата е постојан па затоа Комисјата за заразни болести препорача да не се ублажуваат рестриктивните мерки кои се на сила, нешто што Владата најави дека ќе го стори.Работното време на угостителските објекти останува до 21 часот а вработените во државната администрација да работат во смени или од дома.

Кога ќе почне вакцинацијата на населението останува отворено прашање.

По неколку дневен молк од Ковакс системот испратија допис до Владата во кој информираат дека ќе достават вакцини на „АстраЗенека“ а максималната количина од овој тип ќе биде 175 илјади. Бројката од 833 илјади останува, а првите вакцини, околу 40 илјади дози ќе бидат доставени идниот месец.

„КОВАКС системот преку допис ги соопшти деталите за првата испорака и типот на вакцината која ќе пристигне во нашата земја. Станува збор за вакцината АстраЗенеца, од која првата количина за Северна Македонија е планирано да пристигне во март. Од КОВАКС информираат дека за Северна Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината“, соопштија од здравство.

Собранието ги усвои зимените во Законот за лекови со кои се отвара патот за вакцината на „Фајзер“. Сеуште се чека на првите вакцини а според најавите на министерот Венко Филипче овој месец треба да пристигнат 5.800 вакцини на компанијата „Фајзер“ со која е договорено до крајот на годината да испорача вкупно 800 илјади дози кои се доволни за вакцинација на 400 илјади граѓани. Паралелено се преговара со кинеските власти за набавка на 200 илјади вакцини.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG