СКОПЈЕ - Владата, на денешната седница, го прифати предлогот на Групата за процена во Центарот за управување со кризи (ЦУК) да се побара продолжување на кризната состојба за уште шест месеци и предлогот ќе биде доставен до Собранието. Токму Собранието е единствено надлежно за продолжување на Кризна состоба бидејќи според член 31 од Законот за управување со кризи за продолжување на кризна состојба, повеќе од 30 дена, одлука носи Собранието. Меѓутоа македонскиот Парламент е нефункционален и без кворум бидејќи неколку пратеници од мнозинството се во изолација а опозицијата официјално ќе чека на предлогот на Владата и по негово разгледување ќе одлучи дали ќе го поддржи или не.Кризната состојба е на сила до 19 декември.
Епидемијата на коронавирусот во Северна Македонија сеуште во полна сила, повторно четирицифрена бројка на новозаболени во само 24 часа. Регистрирани се 1.069 нови случаи од кои речиси половина се во Скопје. Направени се 3.012 тестирања од кои 35,4 отсто се позитивни.
Во последното деноноќие 29 пациенти ја загубија битката со вирусот со што бројката на жртви се искачи на 1.792.
„Починати се 29 лица, седум пациенти од Скопје (82, 67, 78 83, 70, 66 и 56г), тројца од Куманово (63, 78 и 62г), четири од Прилеп (73, 65, 76 и 59г), еден пациент од Тетово (62г), двајца од Битола (66 и 85г), еден од Кавадарци (76г), четири пациенти од Гостивар (69, 69, 70 и 58г), тројца од Гевгелија (73, 75 и 71г), двајца од Струмица (63 и 77г), еден пациент од Радовиш (67г) и еден од Неготино (60г). Пациентите се починати во болнички услови“, соопштија од министерството за здравство.
Од почетокот на педимијата 62.945 лица заболеа од Ковид - 19 а во моментов активни се 20.965 случаи од кои половина се во Скопје -10.151. Четирицифрена бројка на заболени има и во Прилеп - 1.008, а градоначалникот побара од централната власт да се прогласи карантин во неговиот град. Трицифрени бројки на заболени има во уште 21 град низ дражавата. Тешка е состојбата во Гостивар каде има 922 активни случаи, во Тетово има 910, во Куманово каде се 896, Битола со 882 активни, Велес - 678, Охрид - 604 иШтип каде во моментов како активни се водат 535 случаи.
Според официјалните бројки на министерството за здравство, во моментов на располагање со околу 140 кревети наменети за пациенти заболени од коронавирус. Во Ковид центрите, клиниките, болниците и инфективните одделенија вкупно се хоспитализирани 1.335 пациенти а само во Скопје се 489.
„Вкупно 489 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град а воковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 846 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Во болницата во Битола се хоспитализирани 77 пациенти, во болницата во Штип се хоспитализирани 58 пациенти, на инфективното одделение во Тетово има 47 пациенти, во Велес се лекуваат 63 болни, а во Куманово 117 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 95 пациенти, во Прилеп 128, во ковид центарот во Гостивар 73, а во Струга 34 болни. Во болницата во Струмица 66 пациенти, во Кочани 18, во Кичево 21, Кавадарци 36, а во Гевгелија 13 лица позитивни на корона вирусот. Имајте во предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти“, соти во официјалната инфромација на нинистерството.
Ковид центарот со капацитет од 100 легла кој требаше да го подготват приватните клиники е готов и опремен но заглавен во бирократските процедури околу издавањето на дозвола за работа како и поставување на надворешен резервоар за кислород, неопходен за пациентите во овој Ковид центар. Одговорноста се префрла од институција на институција.
Од министерството за здравство вчера соопштија дека потпишување на договорот е обврска на ЦУК, додека од ЦУК соопштија дека чекаат насоки од здравство.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, информираше дека работни тимови од министерствата за транспорт и врски и здравство, и од неколку општини, ќе имаат состанок за градежните дозволи за изградба на монтажни ковид центри и болници.
За да се намали притисокот врз здравствените работници и медицинските тимови кои веќе девет месеци деноноќно се борат на првата линија и се обидуваат да спасат што е можно повеќе човечки животи, од денеска лекарите и медицинските сестри од Воениот медицински центар (ВМЦ) и студентите кои се на шеста година студии на Медицинскиот факултет во Скопје, почнаа да волонтираат во Ковид центрите во Скопје.
Првата група на лекари и медицински сестри веќе е вклучена во сменската работа и во дежурствата.
„Помошта која ни ја пружате за нас е многу значајна во период кога имаме голем број хоспитализирани пациенти со ковид 19. Од друга страна за вас ова е искуство какво што можеби нема да имате прилика да го видите во вашата кариера како лекари. Ваква организација немало до сега ниту кај нас, ниту во светот. Болеста е нова и непредвидлива. Клиничката манифестација е различна за секој пациент. Се соочуваме со нешто ново во медицината и за сите нас ова е во исто време и медицински проблем, но и предизвик“ , рече министерот Филипче.
Студентите од шеста година ќе бидат распределени во центрите каде ќе работат под менторство на лекари специјалисти.
Facebook Forum