Линкови за пристапност

Османи: Неодржување на меѓувладината Конференција значи заеднички неуспех


Шефот на дипломатијата оптимист околу работата на историчарите. Самиот во Софија го оцени како круна на Берлинскиот процес, најави регионална иницијатива за движење во регионот со лични карти и потврди дека постои тензија во преговорите со Бугарија

СКОПЈЕ -Доколку не се одржи меѓувладината конференција со Бугарија предвидена за декември, тоа ќе биде заеднички неуспех, и на Македонија и на Бугарија и на ЕУ, смета шефот на дипломатијата Бујар Османи. Тој сепак е оптимист дека конференција ќе има, дека нема да има никакви пречки околу копретседателството на самиот на Берлинскиот процес и дека заедничката историска Комисија ќе постигне напредок во работата.

„Доколку поради забелешките од Бугарија до крајот на годината не се одржи првата меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ, тоа ќе се смета за неуспех на Берлинскиот процес, бидејќи идејата зад лансирање на оваа иницијатива е поттикнување на регионалната соработка и забрзување на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан. Во тој случај, товарот ќе биде на сите – и на нас, на Бугарија, и на германското претседателство“, изјави Османи.

Тој демантираше дека имало судир со неговата колешка од Бугарија, Екатерина Захариева, и нагласи дека врвен приоритет е Самиот.

„Работиме интензивно и инклузивно во овој период со сите наши партнери, вклучувајќи ги тука европските институции Советот за регионална соработка, меѓународните финансиски институции, германското претседателство со ЕУ, со земјите од регионот за да ја одржиме на високо ниво перспективата на Западен Балкан високо на агендата на ЕУ. Исто така за време на посетата на Софија значаен дел од разговорите со колешката Захариева беа токму предизвиците и активностите во рамки на заедничкото копретседвање и тука заклучивме дека ова заедничко копретседавање мора да успее и дека посветено ќе работиме на последната точка од нашата заедничка агенда“, објасни Османи.

Во рамките на Берлинскиот процес, Осмнаи најави иницијатива за поврзување на државите од Западен Балкан олеснување на протокот на патници преку границите со употреба на лични карти.

„Утре почнува министерскиот состанок за внатрешни работи, овде во Скопје, каде што доаѓа министерот за внатрешни работи на Бугарија и заедно со нашиот министер ќе го копретседаваат состанокот на министри за внатрешни работи во рамки на процесот каде очекуваме да се иницира идејата за движење со лични карти во целиот регион, односно помеѓу сите шест земји на Западен Балкан и тоа мислам дека е важна иницијатива, која што доколку биде одобрена ќе значи полесна комуникација, патување, транзит, односно клучен дел во поврзаноста и размената“, истакна шефот на дипломатијата.

Следната недела пак, исто така во рамките на Берлинскиот процес, ќе се одржи состанок на министерите за задравство на кој се очекува да се донесе регионален одговор на пандемијата на Ковид - 19.

Околу изјавата на премиерот Зоран Заев дека граѓаните треба да се подготват дека може да нема почеток на преговорите со ЕУ во декември, Османи рече дека потребата за консензус за преговарачката рамка е една од 130-те потреби за консензус што во просек треба да се случат во текот на преговорите. Според него, треба да се навикнеме дека влегуваме во процес кој бара постојани потреби за консензус од сите земји членки.

Премиерот Заев пак соопшти дека се работи на надминувањена спорот со Бугарија и најави посета на Софија.

„Сакам да ја посетам Бугарја и не го кријам тоа што е моја желба, првата моја официјална посета од соседните земји да биде Република Бугарија заради пријателството, заради тоа што првиот мандат почна така и веруваам дека големи успеси на државата се прокнижија во целиот овој период и верувам дека тоа ќе се случи“, рече Заев и додаде дека кога ќе има излезни решенија со Бугарија јавноста веднаш ќе биде информирана.

Претседателот Стево Пендаровски пак дециден, уставни измени нема да има.

„Вон памет е да се разговара за каква било промена на Устав или анекси и додавања на Договорот, тоа не е потребно. До овој момент ниту на вербално ниво никој нема побарано од бугарска страна промена на Уставот. Во однос на интерпретацијата на билатералниот договор, не е првпат од софиска страна некој да побара политичка декларација или изјава со која ќе дообјасниме некои работи во Договорот од 2017. Има изјава на претседателот Радев со кој бара анекс на тој договор дека наводно не се почитува, или практично нов договор“, рече претседателот Пендаровски.

Тој објасни дека може да се потпише декларација со која би се реафирмирале вредностите на кои почива Договорот за добрососедство. Тој ја повтори неговата изјава во која вели дека „цврст државен став е ако не влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик не ни треба таквата ЕУ“.

Денеска почна состанокот на мешовитата Комисија за историски прашња, прв по речиси една година пауза.

Продолжува каде што последната средба заврши неуспешно а камен на сопнување останува Гоце Делчев. За бугарските историчари тој е Бугар и барањето е да се наведе дека е Бугар, за македноските историчари тоа е неприфатливо барање аутврдување на нечија националност не е работа на историчари. Во изминативе десетина месеци дебатата ја превземаа политичари кои расправаа најчесто без факти и најчесто за собирање политички поени а во тоа секако предничи официјална Софија.

Според информациите на Гласот на Америка, на состанокот ќе се дебатира и за тоа дали фокусот на работата да бидат учебниците или пак заедничкото чествување на личности и настани. Од Комисијата потврдуваат дека нивната работа, кој е под лупа на јавноста, е отежната поради последните настани, барања и провокации од официјална Софија кои се однесуваа на македонскиот јазик, нација и држава.

Состанокот на комисијата завршува утре попладне за кога е и најавена прес конференција на двајцата претседатели Драган Ѓорѓиев и Ангел Димитров на која ќе се соопшти дали и каков напредок имало во работата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG