Статусот на МПЦ не може да го реши ниту претседателот на државата, ниту премиерот. Тоа е во надлежност само на Вселенската патријаршија и нејзиниот патријарх, вели професорот Цане Мојаноски, добар познавач на црковните прилики. Според него писмата кои Пендаровски и Заев ги упатија на адреса на Вартоломеј, а со кои бараат, тој да се заложи да се признае автокефалниот статус на Македонската црква, во православниот свет, е само обид на државните авторитети да помогнат во ставање крај на овој неколку децениски проблем.
„Прашањето треба да се гледа од две стојалишта, стојалиштето кое значи потреба македонската држава на соодветен начин да ги има затворено евентуалните можни прашања кои ќе отворат дополнителни недоразбирања со соседите, а ова прашање со МПЦ е отворено од Издеглавје од 1943 година, а од 1958 година е институционализирано во рамките на СПЦ, како самостојна МПЦ“ вели експертот за црковни прашања Цане Мојаноски.
Решението е уште е поважно затоа што од 1967 година вели Мојаноски, МПЦ има статус на неканонска односно непризнаена црква во православниот свет, што создава дополнителни проблеми во општењето на црковната ерархија.
„На кој начин ќе го реши Вселенскиот патријарх тоа прашање, историското искуство и неговата мудрост очекуваме дека ќе го реши на најдобар начин на кој што македонските православни верници, ќе се чувствуваат или ќе бидат дел од православната екумена. Не верувам дека ќе биде лесно, но дека е можно решение е можно и ние тоа можно решение го очекуваме“ вели Мојаноски.
Писмата на претседателот и премиерот во период од само неколку дена, испратени до Вселенскиот патријарх, укажуваат на тоа дека станува збор за координиран настап на државниот врв, вели професорот Дујовски.
„Штом црквата не може, а таа не може според каноните да бара повеќе од Вартоломеј, тогаш политичарите можат да имаат улога на посредници и МПЦ-ОА, конечно да го добие своето заслужено место во православниот свет. Ова е едно важно отворено прашање со соседна Србија и единствениот проблем е претпоставувам таму, кој треба да се надмине. Впрочем може да ја направи паралелата со Украина. Не е нешто непознато и не е нешто што веќе не го направил“ вели професорот Никола Дујовски.
Мојаноски, вели дека при решавање на статусот на МПЦ, црквата ќе нема потреба да го промени своето име, бидејќи во своето име ја има историската додавка Охридска архиепископија.